2 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНЕОЧЕКУВАНО ДОБРИ РЕЗУЛТАТИ ЗА НАЈГОЛЕМАТА СВЕТСКА ЕКОНОМИЈА: Економски раст во САД 2,4...

НЕОЧЕКУВАНО ДОБРИ РЕЗУЛТАТИ ЗА НАЈГОЛЕМАТА СВЕТСКА ЕКОНОМИЈА: Економски раст во САД 2,4 отсто

Економскиот раст во САД во вториот квартал од оваа година беше посилен од очекуваното, бидејќи активноста се покажа отпорна наспроти агресивната кампања за зголемување на каматните стапки од страна на Федералните резерви на САД.

Најголемата светска економија порасна за 2,4 отсто годишно во периодот меѓу април и јуни, покажуваат прелиминарните податоци објавени од Министерството за трговија на САД. Тоа е забрзување од растот од два отсто во првиот квартал од 2023 година и повеќе од 1,8 отсто предвидени од економистите, пишува Фајненшл тајмс.

Растот на трошоците забави по невообичаено силниот почеток на годината, но падот беше неутрализиран со силните деловни инвестиции во залихи и основни средства. Аналитичарите посочуваат дека има видливи знаци на издржливост на економијата, особено кај побарувачката на приватниот сектор. Оценуваат дека се уште постои желба да се стимулира растот и потрошувачката, иако со поголема претпазливост од досега.

Податоците за економскиот раст дојдоа еден ден откако американската централна банка ги подигна каматните стапки на највисоко ниво во последните 22 години, како дел од нејзините напори за ограничување на инфлацијата.

Индексот на потрошувачките цени падна од врвот од повеќе од девет отсто во јуни минатата година на три отсто минатиот месец, додека стапката на невработеност останува близу рекордно ниско ниво, а довербата на потрошувачите е подобрена.

Владините трошења го дадоа поттикот за раст, со повисоки трошоци од државните и локалните власти. Експертите очекуваат дека зголемувањата може да го одразуваат почетното засилување од програмите како што се Законот за олеснување на инфлацијата и Законот за CHIP.

Американскиот претседател Џо Бајден ја отфрли идејата дека континуираниот раст на американската економија е случаен. Тој посочи дека се работи за економски раст од дното нагоре. Претседателот на Банката на федерални резерви Џером Пауел оцени дека главната цел е враќање на инфлацијата на два отсто без значителен пад што резултира со значително губење на работните места.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП