3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАИзбегнувајте шуми и планини – нема ни да знаете дека токму вие...

Избегнувајте шуми и планини – нема ни да знаете дека токму вие сте одговорни за катастрофа

Бидете исклучително внимателни и одговорни за време на попладневните прошетки на воздух, бидејќи многу малку треба за да пламне сериозен пожар кој може да предизвика страшни последици.

Вакви совети делат скопските пожарникари со коишто разговаравме, а по повод страшните горештини што ја зафатија земјава, како и за активирањето на забраните за движење низ шума токму поради опасноста од предизвикување пожари.

-Ако веќе сте решиле да шетате онаму каде што сѐ уште не е забрането движењето, советуваме со вас секогаш да носите шише со вода, а исто така апелираме до пушачите да внимаваат каде ги фрлаат отпушоците од цигарите, бидејќи тревата е сува и многу лесно може да се случи да избувне пожар. Ги молиме граѓаните да бидат совесни, да не остават ѓубре зад себе, бидејќи и од стаклото може да се создаде искра – советува пожарникар вработен во скопската Противпожарна бригада.

За вакво нешто предупреди и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

-Поради високите температури што ќе траат и во наредните денови, апелирам да се внимава при посетата на селото Кучково, кое изобилува со шумско подрачје, сè со цел избегнување евентуални пожари при вакви високи температури – вели Стојкоски и ги потсети жителите на оваа општина дека веќе неколку денови земјата е во портокалова фаза и дека треба да се почитуваат препораките граѓаните да не излегуваат надвор во периодот од 11 до 17 часот.

Од ЈП „Паркови и зеленило“, пак, посочија неколку причини што лесно можат да доведат до пожар, па оттаму ги посоветуваат граѓаните на што да внимаваат за да ја заштитат животната средина, но и безбедноста на луѓето.

-Неопходно е да се внимава и да се следат упатствата и прописите за заштита од пожари за да се спречат ненамерни пожари во природните средини. Со тоа што сме одговорни и свесни за потенцијалните опасности од пожар, можеме да го минимизираме ризикот и да помогнеме во заштитата на нашите вредни екосистеми – посочуваат од „Паркови и зеленило“.

Посебно треба да се внимава и на правилното фрлање на ѓубрето, затоа што со тоа, како што велат од „Паркови и зеленило“, може да се помогне во спречување на случајни пожари и заштита на природната средина.

Тие посочуваат дека неколку материјали се посебно опасни и поподложни на палење пожари од другите.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП