1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНи се спрема драстично поскапување на парното од 1 август?

Ни се спрема драстично поскапување на парното од 1 август?

Освен храната, пијалаците, електричната енергија, горивото, па и угостителските услуги, по сѐ изгледа ново поскапување ќе има и на парното, а новата повисока цена најверојатно ќе почнеме да ја плаќаме од 1 август годинава.

Во моментов сѐ уште се чека одлуката на Регулаторната комисија за енергија која треба да пресече дали и колку ќе се зголеми цената на топлинската енергија.

Како што дознаваме, седница за ова прашање сѐ уште не е закажана, но дефинитивно наскоро ќе бидат разгледувани предлозите на трите компании на ЕСМ кои вршат производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за скопјани, но тоа мора да се случи до крајот на неделава.

Компаниите бараат цената на топлинската енергија да се зголеми дури за 54 проценти, а како основна причина за поскапувањето ги наведуваат зголемените дистрибутивни трошоци за испорака на топлинска енергија до граѓаните, поскапените материјали и опрема за работа.

Експертите, пак, објаснуваат дека промената на цената на парното греење најмногу зависи од цената на горивото која постојано се менува на берзите.

Како и да е, ваквата промена на цената воопшто не наиде на одобрување кај граѓаните кои се корисници на парно греење.

-Живеам во стан од 55 квадратни метри и месечно плаќам 2.500 денари за парно, без разлика дали го користиме или не го користиме. Исто така, не можам да се пофалам од услугата, бидејќи во текот на зимата дома седиме покриени со ќебиња, бидејќи парното не постигнува. Често пати размислувавме да го откажеме парното и да си набавиме инвертер клими како што прават луѓето коишто живеат во куќи, а сега со новата најава за поскапување на парното дефинитивно ќе ја откажеме услугата. Се зборува дека поскапувањето ќе изнесува повеќе од 50 проценти, а тоа би значело дека ние за оваа услуга ќе треба секој месец да одвојуваме околу 3.800 денари. Тоа се многу пари и мислам дека не се исплати да ги даваме секој месец за нешто од коешто не сме задоволни – изјави Благоја Кочовски од Автокоманда.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП