2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАНа одмор со своето милениче - како да го пренесам кучето преку...

На одмор со своето милениче – како да го пренесам кучето преку граница?

Ако планирате да одите на одмор преку граница, а сакате со себе да го понесете и своето куче, тогаш треба да знаете дека задолжително е да поседувате пасош за миленикот, но и ветеринарно-здравствен сертификат.

Во пасошот мора да бидат внесени сите потребни вакцини кои ги примило животното, а секако, потребно е да има и лепенка/доказ за примена вакцина против беснило, како и доказ дека е чипирано.

Денар разговараше со познат скопски ветеринар, кој накратко ја објасни процедурата за пренесување куче преку граница.

-Мора да поседувате пасош за миленикот и не ни помислувајте да преминете граница без тој документ. Колку што е важен вашиот пасош, исто толку е важен и пасошот на кучето, без разлика дали некои граничари ќе ви го побараат или не. Значи, мора да го поседувате. Втора работа, задолжително треба кучето да го превезувате во транспортер. Ние ги советуваме нашите муштерии да си носат транспортер во колата, па непосредно пред да се приближат до границата да го стават кучето внатре и да го извадат веднаш штом ја поминат границата. Така е најбезболно и на тој начин не ги кршите правилата. Трета работа, во пасошот мора да е заведено дека кучето е чипирано и дека има примено вакцина против беснило најмалку 21 ден пред патувањето. Во поглед на здравствениот сертификат, тој исто така е задолжителен документ, но ако патувате во Грција, тогаш никој нема да ви го побара. Инаку, документот се вади во Агенцијата за храна и ветеринарство и чини 200 денари ако вие самите го вадите, додека, пак, чини 1.800 денари ако ветеринарот го вади наместо вас – ни објасни ветеринарот кој сакаше да остане анонимен.

На оваа тема разговаравме со кампери од Скопје кои секоја година одат на кампување на море во Грција заедно со своето куче.

-Досега никој не ни направил проблем на граница. Ние сме семејство со две мали деца и едно куче – малтезер. Секако, поседуваме пасош и секаква документација за кучето, но ниту еднаш не ни ги побарале документите на граница. Еднаш почна да лае нашето куче низ прозорецот кон граничарот, но тој само се насмевна и ни рече дека имаме убаво куче – раскажува Ирена Мирчевска од Центар.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП