3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНе ни помислувајте отсега да барате соба - Охрид ја живее најдобрата...

Не ни помислувајте отсега да барате соба – Охрид ја живее најдобрата сезона по короната

Охрид „крца“ од гости, слободен кревет тешко се наоѓа, хотелските капацитети се исполнети, а и на шеталиштето тешко се одвива разминувањето со луѓето оти чаршијата е преполна со домашни и со странски туристи.

Освен македонските туристи од Скопје, Битола, Прилеп, Куманово, низ градот често се среќаваат и туристи од Холандија, Англија, Норвешка, Шведска, Полска и Турција.

Охриѓани кои се занимаваат со локален бизнис или со издавање приватно сместување задоволно тријат раце оти ќе се офајдат од успешната туристичка сезона, а презадоволни се и туристичките работници кои тврдат дека Охрид моментално ја живее најдобрата туристичка сезона по короната.

Во поглед на цените, познавачите велат дека тие се повисоки за разлика од минатата година, а покачувањето е за 20 до 40 проценти.

Па така, годинава во Охрид не можете да најдете приватно сместување под 1.800 денари за вечер.

-Секаде скокнаа цените, па и ние моравме да го следиме трендот. Цената лани се движеше од 1.000 до 1.200 денари за ноќ, а сега е од 1.800 до 2.000 денари. Кому му е скапо нека си изнајми камп-приколка или бунгалов, но и таму цената се движи од 1.000 до 1.500 денари. Ние нудиме студио со опремена кујна, спална соба и дневна собра, како и со тераса која гледа директно кон езерото. Апартманите се нови и досега сме немале незадоволни муштерии – ни изјави сопственик на приватна вила во Пештани.

Туристичките работници велат дека и капацитетите на хотелите се исполнети, па со оглед на тоа што се наближува празникот Илинден, отсега нема да може да се најде ниту една слободна соба.

-Хотелите се максимално пополнети до крајот на август, а за празникот Илинден веќе нема да има место ни во приватното сместување. Ако успеете да букирате хотелска соба, тогаш треба да имате предвид дека цените не се исти како ланските. За една вечер во хотелска соба сега ќе треба да издвоите најмалку 40 евра по човек, зависи од хотелот – објаснуваат туристичките работници.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП