2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАСончевиот август ќе го спасува Дојран од туристичка катастрофа?

Сончевиот август ќе го спасува Дојран од туристичка катастрофа?

Дождливиот јуни и нестабилниот јули ја најавија туристичката катастрофа на Дојран оваа година, но очигледно надежта сѐ уште не е умрена, бидејќи туристичките работници со коишто разговаравме искрено се надеваат дека сончевиот август ќе ги поправи работите и дека ќе ги привлече туристите да го посетат ова убаво местенце.

Сместувачките капацитети повеќе од 50 дена зјаат празни, кафулињата и рестораните никогаш не биле толку очајни за гости, а и реткост е да се видат капачи во Дојранското Езеро.

Како што објаснуваат туристичките работници, домашните туристи попрво го одбираат Охрид наместо Дојран, а истото важи и за странските туристи, па и за туристите-минувачи.

-Слаба е сезоната во Дојран, нема зошто да се лажеме. Дождот во мај и во јуни буквално ни ја уништи секоја замисла, а нестабилниот јули само нѐ дотолчи. Сепак, се надеваме дека во сончевиот и топол август ќе ни се случи пресврт и дека тогаш главно ќе доаѓаат домашни гости со мали деца поради лековитоста на водата на езерото. Во моментов, искрено да ви кажам, празни се и апартманите и собите кои се нудат за сместување. Резервации не се прават, никој не се ни јавува за да праша дали има слободна соба и колку чини ноќевање. Како и да е, очекуваме гости да надојдат за концертот на балканската фолк-ѕвезда Цеца Ражнатовиќ – велат туристичките работници.

Надеж дека не е сѐ загубено дадоа и младите љубители на алтернативната музика, кои беа посетители на фестивалот „Д-фест“ кој неодамна се одржа во Дојран.

-Искрено, не би дошол на одмор во Дојран, затоа што не ми се допаѓа плажата, а уште помалку езерото. На одмор одам или во Грција или во Охрид, ама оваа година дојдов на фестивалот и сфатив дека Дојран е многу потценето туристичко место кое може многу да им понуди на туристите. Моите другари се сместени во приватно сместување, некои се во хотели, а јас кампувам во шатор. Сметам дека властите треба повеќе да се ангажираат и да вложат во ова место. Ако ништо друго, нека има повеќе фестивали на кои ќе присуствуваат квалитетни и познати музичари – вели 23-годишниот Милан од Велес.

Дојран располага со 10 хотели и повеќе од 300 приватни сместувачки капацитети, како апартмани или соби.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП