27 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИАЛКАЛОИД започна процес на целосна дигитализација и автоматизација на процесите во сегментот...

АЛКАЛОИД започна процес на целосна дигитализација и автоматизација на процесите во сегментот Фармација преку имплементација на најсовремениот систем Manufacture Execution System – AlkaMES

АЛКАЛОИД АД Скопје, како глобална и иновативна компанија, континуирано ги следи светските достигнувања во развојот на фармацевтската индустрија. Приспособувањето и искористувањето на иновативните технологии и прифаќањето на дигиталната трансформација се важен императив за да се биде во чекор со најновите трендови, како и заради нивна примена за унапредување и за усовршување на сите аспекти во работењето. АЛКАЛОИД започна со спроведување нов проект од стратешко значење во Профитниот центар Фармација, како носечки и стратешки столб на компанијата.

AlkaMES е суштински важен проект за управување со процесите, целосна дигитализација и автоматизација на производствените процеси со автоматско собирање податоци од производствената опрема и за функционирање без хартија, кој ќе се реализира во соработка со избраниот партнер ANTSolutions од Полска, компанија со големо искуство со системите за автоматизација и со повеќе од 600 имплементации во 35 земји, која функционира повеќе од 17 години и на повеќе континенти.

Како исклучителна алатка за подобрување на резултатите во работењето, овој систем (софтвер и хардвер) има цел целосна дигитализација на производствениот процес преку надградба и интеграција на постојното функционирање, автоматизација на производствените процеси и опрема, примена на нови модули (со опфат и на Room Management, Container Management, Resource Management), интегрирање со постојните системи AlkaSAP ERP, AlkaT&T (Track&Trace) и BMS (Building Management System), AlkaMOS (Maintenannce Operating System) и AlkaOEE (Overal Equipment Effectiveness), надградба на системот за планирање, како и целосно електронско управување со отстапувања и со девијации во производството. Покрај тоа, AlkaMES значително ќе ја подобри севкупната ефикасност, овозможувајќи заштеда на вредни ресурси и на време при собирањето податоци, следење и контрола на процесите во реално време и донесување правилни и навремени одлуки врз основа на точни и на ажурирани информации. Од план до реализација на овој голем проект, процесите на спроведување се соодветно регулирани, имајќи предвид дека системот е во целосна согласност со највисоките фармацевтски стандарди, обезбедувајќи стабилност, безбедност и контролиран пристап.

На почетниот состанок, одржан на 18 јули 2023 г., беше најавен официјалниот почеток на проектот AlkaMES (Alkaloid Manufacturing Execution System), кој е во вредност од над милион евра. Генералниот директор и Претседател на УО на АЛКАЛОИД АД Скопје, г. Живко Мукаетов, со своето обраќање официјално го означи почетокот на проектот, истакнувајќи ги главните придобивки и цели на проектот и поздравувајќи го проектниот тим, кој е составен од преку 80 члена, претставници на АЛКАЛОИД и на партнерската компанија, поделени во девет тима, кои се врвни експерти, докажано искусни и посветени професионалци во својата професија. Според временската рамка, пилот-проектот ќе се реализира до крајот на првиот квартал од 2024 г., а целосниот проект ќе заврши во првиот квартал од 2025 г.

Со секој проект и со секоја активност АЛКАЛОИД постојано оди чекор натаму, секогаш залагајќи се за постојано усовршување и за подигнување на стандардите за квалитет и за примена на иновации во работењето, а самото тоа е доказ дека понудата на производи со врвен квалитет за крајните корисници и грижата за здравјето на луѓето се најголем приоритет за компанијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП