1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКој вели дека не смеам да платам леб со картичка?

Кој вели дека не смеам да платам леб со картичка?

Дали сте знаеле дека во некои скопски колонијали не можете да купите производи со вкупна вредност под 300 денари, а да платите со картичка наместо во кеш?!

Како што сведочат наши читатели, вакво (непишано) правило сами си измислиле и го наметнале сопственици на повеќе колонијали кои практично ги условуваат муштериите да направат поголема сметка ако сакаат да платат со картичка.

Во спротивно, им велат да ги остават производите на своето место на рафтовите и да одат да извадат пари од најблискиот банкомат ако сакаат да не си појдат дома со празни раце.

Сепак, ваквото „правило“ обично се практикува на периферијата на главниот град, особено на територијата на Ѓорче Петров и Волково.

-Сакав да купам леб, но пари имав само на картичка. Влегов во продавницата, одбрав два леба, ја подадов картичката, а продавачката која истовремено е сопственичка на колонијалот, ми рече дека веќе не е дозволено плаќање со картичка за износи под 300 денари. Ми кажа дека досега границата била 100 денари, но отсега е 300 денари. Ако сум немала пари за да ги платам лебовите, тогаш се понуди да ме запише во тетратката на должници, со оглед на тоа што ме познава и поради тоа што сум нејзин редовен муштерија цели 20 години. Значи, жената се понуди да ми направи услуга, замислете. Не ја ни прашав кој го измислил тоа глупаво правило, ама затоа нема повеќе никогаш ни да влезам во таа продавница. Ѝ ги оставив лебовите на касата и си заминав со цинична насмевка. Оти, јас имам право да купам и мастика од 2 денари и да ја платам со картичка. Моја е одлуката како да купувам, не може некој да ме условува – раскажува А.С. од скопско Волково.

Денар направи обиколка низ неколку скопски населби и посети неколку локални колонијали, а во една продавница дури наидовме на известување залепено на касата: „плаќање со картичка само за сметки над 300 денари“.

Ја запрашавме продавачката за што станува збор, а таа ни одговори дека проблемот е во провизијата што ја земаат банките.

-Јас сум овде само вработена, а сопствениците ми кажаа да на наплаќам сметки под 300 денари оти банките земале провизија и на тој начин се губел и така малиот ќар од продажбата. Искрено, не се разбирам многу во тие работи, туку правам онака како што ќе ми речат. Можам само да кажам дека вие не сте први кои ме прашувате. Многу муштерии се бунтуваат. На пример, вчера дојде еден човек кој сакаше да си купи цигари со картичка. Морав да му објаснувам дека не ми е дозволено да наплатам цигари од 120 денари со картичка, оти границата е 300 денари. На крајот, човекот мораше да купи 3 кутии цигари само поради ова правило – ни раскажа вработената.

Денар разговараше со повеќе експерти од економската област и сите до еден ни потврдија дека такво правило не постои, туку напротив, на овој начин се загрозуваат правата на потрошувачите.
Се очекува од надлежните институции во најскоро време да реагираат.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП