7 април, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАКој купил скутер од 50 кубици – нека си го чува за...

Кој купил скутер од 50 кубици – нека си го чува за туршија!

Ако сте купиле нов скутер и ако сакате уредно да го регистрирате за да можете безгрижно да го управувате без да се плашите од полицијата, тоа може да го сторите веднаш во најблиската станица за технички преглед, но за да добиете регистарска табличка ќе треба да си почекате некое време, бидејќи Министерството за внатрешни работи (МВР) нема направено набавка на оние најмалите таблици за мотори со јачина до 50 кубни метри.

Читатели на Денар се пожалија дека ниту во една станица за технички преглед во главниот град нема регистарски таблички за скутери, а таму каде што се останати неколку такви таблички, забележале нашите соговорници, тие се „резервирани“ само за пријатели.

-Уште минатата недела купив нов скутер од 50 кубици, но не можам да го управувам затоа што не можам да го регистрирам. Всушност, можам да го регистрирам, но не можам да добијам регистарска табличка оти нема никаде. Буквално се јавив во сите станици за технички преглед каде што работат со мотоцикли и каде што има шалтер на МВР, но секаде го добив истиот одговор: „немаме од малите регистарски таблички и тешко дека ќе најдете“. Го свртев цело Скопје, од Новоселски Пат, Карпош 4, Зајчев Рид, па сѐ до станиците за технички преглед во Бутел, Радишани, Ново Лисиче. Нервозен сум затоа што вложив 2.000 евра за моторот, а не можам да го возам поради тоа што не е направена набавка на таблици. Од друга страна, дополнителна нервоза ми создава тоа што разбрав дека во некои станици има останато неколку таблици, но вработените ги чуваат само за свои блиски пријатели и роднини – објаснува 29-годишниот Стефан од Скопје.

-Тој побарал совет од свои пријатели во МВР, а тие го посоветувале да го вози моторот без таблици.
Ме советуваа да го регистрирам, да го осигурам и да го возам моторот без таблица, па на полицајците кога ќе ме сопрат да им објаснам за што станува збор. Не сакам јас така. Што ако полицаецот не ми поверува? Плус, нема да имам ни сообраќајна дозвола за возилото, оти нема да се знае бројот на таблицата. Многу голем проблем е ова и треба медиумите повеќе да се ангажираат и да побараат одговори од министерот Оливер Спасовски – вели нашиот соговорник.

Денар разговараше со вработени во една скопска станица за технички преглед, а оттаму ни потврдија дека таблици за мотоцикли нема ни за лек.

-Овој проблем трае со недели, да не речам со месеци. И уште толку ќе трае, оти немаме никаква најава дека наскоро ќе донесат регистарски таблици за скутери до 50 кубици. Клиентите со право се лутат и постојано се расправаат со полицајците на шалтерите, но никој од нас не е виновен. Вината треба да се бара онаму каде што се вршат набавките. Нам не ни останува ништо друго освен да ги советуваме клиентите да не ги возат моторите сѐ додека не добијат регистарска табличка. Некој нѐ послушува и трпеливо чека, а некој нервозно реагира и не ги применува нашите совети – вели нашиот соговорник.

Министерството за внатрешни работи сега е на потег и треба да ја информира јавноста зошто доцни набавката на регистарски таблици, но и кога се очекува да биде решен овој проблем.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП