18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНема веќе евтини крцкави компирчиња – цената на палминото масло ги „попари“...

Нема веќе евтини крцкави компирчиња – цената на палминото масло ги „попари“ сендвичарниците

Откако конфликтот во Украина драстично го поскапе зејтинот, граѓаните, а особено сопствениците на сендвичарници и ресторани, се свртеа кон алтернативните и поевтини варијанти – палминото масло.

Станува збор за едно од растителните масла кое благодарение на својот состав и хранливост најде широка примена во козметиката и во кулинарството, а на угостителите им е особено погодено затоа што долго трае, не се расипува и може во истото масло да се пржат компири со денови, па и со недели.

Но, како што гласи онаа познатата, но малку изменета: „сѐ што е евтино кратко трае“.

Па така, ако лани ова време палминото масло чинеше 1.050 денари за 20 литри, сега чини 2.700 денари, се жали сопственик на сендвичарница во Карпош.

-Веќе подолго време користиме палмино масло, бидејќи има висока точка на согорување која изнесува околу 450 степени целзиусови. Меѓутоа, неодамна се случи големо поскапување и на ова масло. Лани купувавме 20 литри за 1.050 денари, а сега исто толку литри плаќаме 2.700 денари. Значи, поскапувањето е повеќе од 100 проценти. Освен маслото, драстично се поскапени и сите прехранбени производи – вели Зоран Костовски, сопственик на сендвичарница.

Тој додава дека инфлацијата и глобалното поскапување на производите си го направиле своето, па затоа и тие како сендвичарница биле принудени да ги зголемат цените на тостовите и на хамбургерите.

Палминото масло се добива со цедење на црвено-жолти плодови од палмините посеви. Овој вид на палма е со потекло од африканскиот континент, но денес се одгледува претежно во југоисточна Азија, односно во Индонезија и Малезија.

Ова масло има црвеникава боја, поради високата количина на бета каротен. Изобилува со витамини А и Е, како и со висок процент на незаситени масни киселини. Во југоисточна Азија палминото масло секојдневно се користи во исхраната, а на локалното население во Северна Суматра работата на палмините плантажи е еден од главните извори на приходи.

Она со што производителите најчесто ја објаснуваат неговата широка употреба е високата точка на вриење, тоа што не содржи транс масти и е поевтино од зејтинот.

Се проценува дека ова растително масло се наоѓа барем во половина од производите достапни на полиците на супермаркетите.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП