18 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАСѐ повеќе змии помеѓу луѓето - наезда или нормална појава?

Сѐ повеќе змии помеѓу луѓето – наезда или нормална појава?

Доколку излезете на прошетка во блиската шумичка, планина или река, тогаш имајте предвид дека големи се шансите да ви излезе змија на патот.

Скопјани се жалат дека во последно време се соочуваат со многу змии, кои освен во планините, можат да се забележат и во населените места и на коловозите.

-Пред некој ден забележав прегазена змија на патот кон скопското село Кучково. Змијата воопшто не беше малечка, а се симнала дури до селото. Потоа, додека шетавме кај излетничкото место „Крстот“, наидовме на три змии кои беа одалечени на само стотина метри една од друга. Децата спискаа од страв, а очигледно се уплашија и змиите, па веднаш се сокрија во камењата. Вакво нешто не ми се случило да видам дури четири змии во еден ист ден. Се прашувам што е тоа што ги тера змиите да излегуваат онаму каде што се движат луѓето – вели Марко Богдановиќ од Кисела Вода.

Скопјани се жалат и на змии кои сѐ почесто им ги попречуваат пешачките патеки кон крстот на Водно.

-Поради топлите временски услови има зголемен број на змии, па препорачувам да носите високи кондури за пешачење, стапчиња за планинарење и секогаш гледајте каде газите. Змиите се убави суштества, но истовремено се многу опасни доколку ги нагазите или случајно ги повредите. На патеката кон врвот на Водно ми се појави змија која беше долга околу 30 сантиметри. Внимателно ја турнав со стапчето кон блиските дрвја. Апелирам и до велосипедистите да бидат особено внимателни, па да внимаваат да не прегазат некоја змија со тркалата. Змиите знаат да се замотаат околу гумата, а вие воопшто да не ја забележите – вели 55-годишниот планинар Бошко од Аеродром.

Ботаничарите, пак, ги смируваат граѓаните. Како што велат тие, нема наезда на змии, па луѓето не треба претерано да стравуваат од овие животинки.

-Не се случува ништо ново и не се случува ништо страшно. Ова не е наезда на змии, туку зимите сега се будат од зимскиот сон и излегуваат да бараат храна и да се размножуваат. Ова е природен процес. Точно е дека фреквенцијата на змиите е зголемена, но бидејќи следува топло време, нивната активност повторно ќе се намали. Дури и да се соочите со змија, не треба да паничите, бидејќи тие не се опасни доколку ги заобиколите. Ако не ги вознемирувате, тогаш бидете сигурни дека нема да ве нападнат – велат експертите.

Инаку, според досегашната статистика, на Клиниката за инфективни болести најмногу каснувања од змии се регистрирани во месеците мај, јуни и јули.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП