„Taiwan Semiconductor Manufacturing Co“. (TSMC) објави подобри од очекуваните приходи од продажба поради бумот на апликациите за вештачка интелигенција кои бараат поголем капацитет за производство на чипови од лидерот во индустријата, објави „Bloomberg“.
Приходите за вториот квартал достигнаа 480,8 милијарди нови тајвански долари (15,3 милијарди долари), според пресметките на „Bloomberg“. Тоа е намалено за 10% од претходната година, иако падот не е толку лош како што се очекуваше. Износот сепак успеа да ја надмине просечната прогноза на аналитичарите од 476,2 милијарди нови тајвански долари. Приходите од продажба за јуни достигнаа 156,4 милијарди нови тајвански долари.
„TSMC“ е главен снабдувач на чипови со вештачка интелигенција на „Nvidia“, кои се сметаат за најдобар хардвер за обука на големи јазични модели како оној што го поткрепува „ChatGPT“ на „OpenAI“.
Цената на акцијата на тајванската фирма беше непроменета во понеделникот пред компанијата да ги објави своите месечни податоци. Аналитичарите на „Goldman Sachs“ претходно ја зголемија нивната целна цена за компанијата на 700 нови тајвански долари по акција. Акциите се зголемија за повеќе од 25% од годината до денес, и покрај предупредувањето на компанијата дека приходите во 2023-та година би можеле да паднат со ниска до средна едноцифрена стапка во американски долари.
Според аналитичарот на „Bloomberg Intelligence“, Чарлс Шум, предизвиците со побарувачката на паметни телефони се посериозни од очекуваното и негативно влијаат на нарачките на чипови со вештачка интелигенција.
„Иако пријавените приходи од продажба на „TSMC“ ја надминаа проценката на консензус, по прилагодувањето за валутни флуктуации, резултатите се во средината на опсегот на насоки“, додаде тој.
Во иднина, според Шум, ќе треба подетално да се разгледаат условите на пазарот, особено показателите за закрепнување на побарувачката за паметни телефони, за да се измери нивното потенцијално влијание врз траекторијата на приходите во втората половина.