2 мај, 2024
ПочетнаСВЕТЕрдоган: Ќе ја поддржиме Шведска во НАТО доколку ЕУ повторно ги отвори...

Ердоган: Ќе ја поддржиме Шведска во НАТО доколку ЕУ повторно ги отвори преговорите со Турција

Анкара ќе го поддржи членството на Шведска во НАТО доколку Европската унија повторно ги отвори преговорите за членство на Турција во ЕУ, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Прво, да го отвориме патот за Турција да влезе во ЕУ, а потоа ќе го отвориме патот за Шведска, како што направивме за Финска“, им рече Ердоган на новинарите пред годишниот самит на НАТО во Вилнус.

Преговорите меѓу Турција и ЕУ се во застој веќе неколку години.

Турција аплицираше за членство во Европската економска заедница во 1987 година и во Европската унија во 1999 година, но преговорите за пристапување во ЕУ, кои започнаа во 2005 година, беа погодени од голем број тешки проблеми и недостаток на ентузијазам од клучните земји на ЕУ.

Ердоган повтори дека зеленото светло на Турција за влез на Шведска во Атлантската алијанса зависи „од постигнувањето на точките содржани во трилатералниот договор“, кој беше потпишан минатата година на самитот на НАТО во Мадрид меѓу Турција, Шведска и Финска.

Претседателот на Турција и шведскиот премиер Улф Кристерсон ќе се сретнат на завршните преговори за членство на Шведска во НАТО, пред самитот на Алијансата во главниот град на Литванија.

Состанокот, кој го организираше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, треба, како што се надева, да овозможи укинување на ветото на Турција, кое го блокира влезот на Шведска во Атлантската алијанса од мај 2022 година.

Турскиот претседател ја блокира кандидатурата на Шведска, обвинувајќи го Стокхолм дека засолнува турски опозиционери и курдски активисти од движењата кои Анкара ги смета за „терористички“.

Заедно со Унгарија, Турција е единствената од 31 земја на НАТО која сè уште го нема ратификувано членството на Шведска. Унгарија рече дека ќе даде согласност доколку Турција го стори тоа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП