3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАКрадат цвеќиња од парковите за да им бидат убави дворовите

Крадат цвеќиња од парковите за да им бидат убави дворовите

Скоро и да нема крстосница, кружен тек, парк и жардиниери во централните скопски општини каде што општинските служби не насадиле садници за разубавување на околината.

Но, исто така, скоро и да нема крстосница, кружен тек, парк и жардиниери каде што не се извршени кражби на тие садници.

Постојано се случува несовесни граѓани да посегнат по зеленилото и да си го засадат во сопствените дворови, а најчестите вакви кражби се случуваат на територијата на Карпош и на Ѓорче Петров.

Секако, на поголемиот дел од жителите на овие населби им пречи ваквата појава, па честопати револтирано објавуваат статуси на социјалните мрежи, а некои објавуваат и фотографии од крадците фатени на дело.

-Во населбата Ново Село се гради огромен парк. Изградбата трае скоро цела година, но сега конечно е во завршна фаза. Пред почетокот на летото таму беа насадени голем број зимзелени дрвца, но за жал, поголемиот дел не се фатија. А не се фатија оти веднаш беа откорнати и украдени. Да не зборувам за сезонските цвеќиња. Луѓе си доаѓаа со возила за време на ноќните часови и си ги товараа садниците. А демек се поставени камп-приколки за чуварите, но таму нема никој и секој си прави што сака. Срамота! – коментира извесна Лилјана.

Благица од Карпош, пак, вели дека пред нејзини очи среде бел ден некоја жена си искорнала насадено цвеќе кај Сити Мол.

-Намерно застанав и ја гледав право во очи. Не се ни засрами. Си се наведна, си ги искорна цвеќето, си го стави во торбата и си ги истресе рацете. Па уште ми се сврте и ми рече: „преубави се, земи си и ти“. Не знаев што да направам во тој момент – раскажува Благица.

Градските власти, пак, брифираат дека кражбите на цвеќиња најчесто се случува непосредно по садењето, односно кога земјата сѐ уште е ровка и коренот не е фатен.

Ноќе ги крадат цвеќињата, јасно ни е, но немаме некоја посебна статистика за направените штети. Најчесто се крадат помали садници и цвеќе, а имало случаи кога се краделе и дрвца – брифираат од Град Скопје.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП