3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПиши ми казна, многу ми е гајле – дивите трговци користат пукнатина...

Пиши ми казна, многу ми е гајле – дивите трговци користат пукнатина во законите

Изнајмувате дуќанче, го полните со роба, почнувате да ја продавате робата, а истовремено се молите да не ви дојде инспекција, бидејќи не сте регистриран трговец, немате отворено фирма, не поседувате фискален апарат и не плаќате даноци на државата. Но, на крајот на краиштата, дури и да дојдат инспекторите, највисоката казна што можат да ви ја пишат изнесува 150 евра, која се преполовува на 75 евра доколку ја платите во следните 8 дена. А потоа, пак по старо, сѐ додека не дојдат инспекторите повторно. Ако воопшто дојдат…

На овој проблем се пожалија и стопанските комори, кои неодамна потенцираа дека во државата има многу трговци кои работат со милионски профити, а кои не плаќаат ниту денар во Буџетот.

Ваквото тврдење го вклучи алармот кај засегнатите државни институции, кои веднаш тргнаа во лов на нерегистрираните трговци, со цел да стават крај на неформалната економија во земјава која изнесува над 50 проценти.

Инспектори од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во разговор за Денар брифираат дека дел од продавачите на зеленчук и овошје, но и облека, не се регистрирани трговци.

-Препродаваат производи, не плаќаат данок на државата, а прават големи пари. Единствениот трошок им е киријата за изнајмениот дуќан, а сѐ друго им е чист профит. Фативме нерегистрирани трговци кои се занимаваат со продажба на зеленчук и овошје, а имаше и такви коишто продаваат облека, па и апарати за домаќинство. Едноставно, си закупуваат дуќан, го полнат со производи за продажба и почнуваат да продаваат. Тешко е дури и да се помисли дека не е воопшто регистриран трговец, бидејќи дуќанот изгледа сосема нормално, а има и вработени кои љубезно ги пречекуваат муштериите. Таму нема фискална сметка и нема плаќање со картичка. Овие луѓе работат исклучиво со кеш и воопшто не го пријавуваат прометот – брифираат нашите соговорници од ДПИ.

Според надлежните, главниот проблем лежи во ниските казни, бидејќи глобата за нерегистриран трговец изнесува само 150 евра, а ако ја плати во рок од 8 дена, сумата се намалува на 75 евра.
Овие казни, посочуваат тие, не се воопшто високи за трговците кои редовно си ги плаќаат, ама си тераат со бизнисот.

Пред неколку месеци од ДПИ упатија апел до овие трговци:

-Упатуваме апел до оние кои вршат нерегистрирани дејности, во најбрз можен рок да извршат регистрација. Надзори ќе се прават низ целата земја и тоа за нерегистрирана продажба на секаков вид производи. Ги повикуваме граѓаните, доколку забележат или доколку познаваат нерегистрирани трговци, препродавачи и продавници, веднаш да ги пријават кај надлежните органи – истакнаа од ДПИ.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП