2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНе е лесно, ама и не е евтино да се биде трудница...

Не е лесно, ама и не е евтино да се биде трудница во Македонија

Потребно е да се потроши цело едно мало богатство за да може една бремена жена во Македонија да си овозможи уредна бременост проследена со редовни гинеколошки прегледи, но и со консумирање на соодветните препорачани витамини.

Како прво и основно, секоја бремена жена треба да посетува матичен гинеколог најмалку еднаш во месецот, или најмалку 10 пати во текот на целата бременост.

А иако прегледите кај матичниот гинеколог (треба да) се бесплатни, односно на сметка на државата, сепак, најголемиот број матични гинеколози во Македонија наплаќаат по 500 денари од преглед, се жалат читателки на Денар.

-Посетував матичен гинеколог во Скопје, а уште на првиот преглед тој ми кажа дека секој преглед во иднина ќе ме чини 500 денари и дека парите ќе треба да ѝ ги оставам на медицинската сестра, ама да се потрудам плаќањето да биде дискретно. Кога прашав зошто треба да плаќам кога прегледите се бесплатни, тој ми рече дека така меѓусебно се договориле сите гинеколози во Скопје, затоа што биле незадоволни од парите што ги добиваат од Фондот. Што да правам, бремена сум и морав да прифатам. Кај гинекологот одев секој месец на преглед, отприлика околу 10 пати во целата бременост, а тоа значи дека сум потрошила 5.000 денари само за прегледите. Да не зборувам за апчињата и витамините што се изгор скапи, а кои мора да ги пие секоја трудница. Единствен бенефит што видов од државата е тоа што не ми наплаќаа за крвна слика, дури и во приватни лаборатории – раскажува 28-годишната Б.С. од Скопје.

Кога станува збор за трошоците, секоја трудница треба да користи вагиналетки кои се ставаат во првиот триместар како поддршка за плодот и бременоста. Овие вагиналетки се купуваат само на приватно и чинат околу 900 денари месечно.

Не се ништо поевтини ниту витамините што им се припишуваат на бремените жени. Цената на овие апчиња варира, но не е под 600 денари за една кутија што треба да трае околу еден месец, а гинеколозите обично припишуваат и магнезиум кој чини околу 200 денари месечно.

Единствено нешто што една трудница го добива евтино и на рецепт е фолната киселина која треба да се внесува до 16-та недела од бременоста.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП