3 мај, 2024
ПочетнаСВЕТOceanGate ги суспендира сите истражувачки и комерцијални операции

OceanGate ги суспендира сите истражувачки и комерцијални операции

OceanGate, сопственикот на подморницата Титан, која се урна минатиот месец на пат кон потонатиот брод Титаник, рече дека ги прекинува сите истражувачки и комерцијални операции по смртта на сите пет патници, вклучувајќи го и извршниот директор на компанијата Стоктон Раш.

„OceanGate“ ги суспендира сите истражувачки и комерцијални операции“, се вели на веб-страницата на компанијата, а пренесува Daily Mail.

Не е познато кога OceanGate го објави ова, ниту што ќе биде со оние кои веќе го платиле билетот од 250.000 долари за идните експедиции.

До минатата недела, OceanGate ги рекламираше патувањата до Титаник, и покрај трагедијата во која животот го загубија британскиот милијардер Хамиш Хардинг, пакистанскиот милионер Шахзада Давуд и неговиот 19-годишен син Сулејман, францускиот истражувач Пол-Анри Нарјолет и Раш.

Страницата со наслов „Експедиција на Титан – Истражете го Титаник“ сè уште беше достапна на интернет, нудејќи можност да се нурне до потонатиот брод Титаник во подморницата на компанијата.

„Смелите патници ќе испловат од канадскиот брег на Атлантикот во осумдневна експедиција за да се нурнат до легендарниот Титаник кој се наоѓа на 612 километри од брегот и 3.800 метри под површината“, пишува на страницата.

Имплозијата на подморницата покрена прашања за безбедносните процедури на OceanGate и многу неправилности во врска со Титан излегоа на виделина.

Самиот Стоктон Раш не обрнуваше многу внимание на приговорите, гледајќи ги безбедносните разговори како претерани и задушувачки иновации.

И патниците од претходните мисии на подморницата се јавија и зборуваа за тешкотиите што ги имале за време на нивните патувања.

Во документарен филм од 2022 година, Би-Би-Си прикажа снимка од претходната мисија Титан, кога нејзиниот пилот ја изгуби контролата над подморницата, која почна да се врти во круг. Патниците, како што рекоа по мисијата, биле преплашени, но на крајот сепак успеале да стигнат до потонатиот брод Титаник. Рекоа и дека Раш додека биле заглавени на дното на Атлантикот ги советувал да дремнат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП