3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе се зголеми старосната граница за пензионирање во Македонија?

Ќе се зголеми старосната граница за пензионирање во Македонија?

Во земјите-членки на Европската Унија веќе подолго време сериозно се шират гласини дека можно е да се зголеми старосната граница за пензионирање.

Ваквата идеја прва ја иницираше Франција, односно францускиот претседател Емануел Макрон кој рече дека планира да спроведе реформа со која Французите и Французинките ќе се пензионираат две години подоцна од сегашната старосна граница која изнесува 64, односно 62 години.

Но, ваквата негова идеја, очекувано, наиде на негодување кај жителите на Франција, кои сметаат дека сега не е вистинско време за таков потег, оти животниот стандард е веќе загрозен од светската економска криза и од пандемијата со коронавирусот.

Сличен став делат и работниците во Македонија, а Денар разговараше со двајца занаетчии кои велат дека со нетрпение очекуваат да чукне часот за пензија.

-Едвај чекам да наполнам доволно години за да заминам во пензија и конечно да се одморам како човек. Повеќе од 30 години работам како козметичарка во соптствено козметичарско студио во Скопје и веќе ми е смачено од сѐ. Си ја сакам работата и сакам да работам со луѓе, ама чувствувам дека потребен ми е одмор. Дури уште сега би заминала во пензија ако ми дозволат, ама очигледно ќе си почекам уште 2 години. Во никој случај не би прифатила зголемување на старосната граница за одење во пензија. Ме болат нозете, цел ден стојам, а и рацете веќе не ме служат како во минатото – објаснува Виолета Георгиевска од Скопје.

Сличен став дели и 61-годишниот Сенат кој веќе 40 години се занимава со поправка на чевли и изработка на клучеви.

-Јас ќе заминам во пензија на 64 години и ниту ден подоцна. Не прифаќам зголемување на старосната граница, тоа нема логика. Па кога ќе живеам јас и кога ќе ги поминам моите заслужени пензионерски години? Цели 40 години сум затворен во работилница и со душа го чекам денот кога ќе заминам во пензија. Јас моето си го изработив, време е да се одморам – вели Сенат.

Од синдикатите во Македонија брифираат дека е потполно несериозно во моментов да се размислува и да се разговара за зголемување на старосната граница за пензионирање.

Зарем не е доволен аларм тоа што младите си заминуваат во земјава и среќата си ја бараат во странство? Треба да се обидеме да ги задржиме младите работници во земјава, а не да се трудиме да ги спречиме возрасните да заминат во пензија. Потребни ни се нови модели за пензионирање, а зголемувањето на старосната граница за пензионирање навистина нема никаква смисла – брифираат нашите соговорници.

И од Конфедерацијата на работодавачи потсетуваат дека во моментов Македонија се соочува со сериозен недостаток на работна сила.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, неодамна најави либерализација на пазарот на трудот за да може да доаѓаат работници од странство и да работат во Македонија.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП