1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМоже ли да се спречи изумирање на занаетите со 10.000 денари?

Може ли да се спречи изумирање на занаетите со 10.000 денари?

На големо изненадување за сите навидум подзаборавени занаетчии, Град Скопје одлучи да го одврзе ќесето и да субвенционира дел од занаетите кои се во изумирање и од кои во сегашно време има многу мала потреба.

Па така, како што неодамна соопштија градските власти, како спомен на едно минато време, сите јорганџии, опинчари, јажари, крзнари, грнчари, шапкари, ковачи, лимари, казанџии и други занаетчии ќе можат годинава да добијат субвенции од Град Скопје.

Огласот веќе е објавен и таму можат да се пријават сите заинтересирани, а субвенциите се симболични и изнесуваат 10.000 денари.

-Нашата цел е да го поттикнеме развојот на традиционалните занаети преку субвенционирање на стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање во главниот град, и тоа со парична субвенција од 10.000 денари – велат од Град Скопје.

Изборот на занаетчиите кои ќе поднесат барање и кои ги исполнуваат условите за субвенции, велат оттаму, ќе се прави веќе вообичаено по принципот „прв дојден, прв услужен“, односно по редослед на поднесени барања до исцрпување на расположливите средства, иако официјално јавниот оглас трае најдоцна до 1 декември годинава.

-По изборот на барателите кои ги исполнуваат условите, градоначалничката ќе донесе решение со кое се усвојува барањето за субвенционирање на стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање во градот Скопје. Еден барател може да користи субвенција само еднаш по објавен јавен повик во тековната година – велат од Град Скопје.

Занаетчиите со коишто разговараше Денар позитивно гледаат на одлуката за субвенционирање.

-Не се многу пари, но за нас доволно е тоа што градските власти покажуваат дека мислат на нас. Неколку генерации од моето семејство се шапкари во Старата скопска чаршија, но и нашиот занает веќе полека почнува да изумира. Месечно вадиме онолку пари колку да можеме да преживееме и да го прехраниме семејството, но нашите предци добро заработувале. Сепак, времињата се сменија и ние веќе се прилагодивме на новото време. Но, жално ќе биде ако оставиме да изумрат нашите занаети по коишто сме препознатливи. Тие се дел од нашата македонска традиција. Субвенциите од 10.000 денари нема многу да ни помогнат, но потегот на градските власти е за поздравување, оти ни покажаа дека не сме сами во борбата за зачувување на занаетите – вели шапкар од Скопската чаршија.

Во соопштението на Град Скопје е наведено дека исплатата на одобрените средства ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања, а во случај да не му е прифатено барањето на подносителот, тој за тоа ќе добие писмено известување.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП