9 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАНе е секој автомеханичар „од мајка роден“ – ви го крадат катализаторот...

Не е секој автомеханичар „од мајка роден“ – ви го крадат катализаторот и уво не им чуе!

Најдобро е да го познавате и да имате доверба во мајсторот кој редовно ви го одржува и ви го поправа автомобилот, бидејќи, според искуствата на скопјани, голема е веројатноста некојпат да останете без катализаторот, кој поради скапите метали платина, паладиум и родиум, одржува висока цена на пазарот.

Како што сведочат возачи од Скопје, ако до пред некоја година катализаторите беа главна мета на уличните крадци кои бестрашно легнуваа под возилата и ги крадеа овие „скапоцени“ делови, сега трендот од улиците се префрли во механичарските работилници.

На социјалните мрежи налетавме на разни искуства од граѓани кои биле измамени од своите автомеханичари, односно го однеле своето возило на мајстор со катализатор, а си го зеле со обична заварена цевка на местото на катализаторот.

„Ја однесов колата на редовен сервис, промена на масло, филтри, ремени… Го оставив возилото, а морам да признаам дека воопшто не ги познавав механичарите од претходно. По неколку часа ми се јавија дека работата е завршена и дека можам да си ја земам колата. Платив и си заминав, а воопшто не забележав дека недостига катализаторот. А знаете кога дознав дека ми го украле? Дури по неколку месеци кога отидов кај мој пријател механичар и го замолив да го извади катализаторот за да го продадам. Тој легна под автомобилот и почна да се смее, оти, како што рече, не сум првиот кој е измамен на ваков начин. Сакав да реагирам кај механичарите за кои се сомневам дека го украле, ама немам докази“, пишува извесен Марко.

Денар разговараше со автомеханичар од скопската населба Влае, кој ни објасни дека кражбата на катализаторите е веќе добро развиен бизнис и дека голем дел од неговите колеги се дел од „мрежата“.

-Обично, еден катализатор во просек чини од 150 до 250 евра и тоа е добра заработувачка ако се земе предвид дека кражбата трае помалку од 10 минути. Можам слободно да кажам дека и јас бев „врбуван“ за да бидам дел од таа мрежа на автомеханичари кои се занимаваат со овој бизнис, но едноставно, немам срце да ги крадам муштериите. А тие, ем им земаат пари за сервисот или за дефектот поради кој луѓето им ги оставиле своите возила, ем ќе им го „дрпнат“ катализаторот и ќе заработат лесни пари.

Инаку, катализаторите се уреди кои ги претвораат емисиите од моторот во безбедни гасови пред да бидат испуштени од возилото во воздухот, а со тоа се намалува загадувањето.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) не успеавме да добиеме одговор дали некој од граѓаните пријавил кражба на катализаторот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП