4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПлаќаме 350 денари на секоја „илјадарка“ во маркет?

Плаќаме 350 денари на секоја „илјадарка“ во маркет?

Ако пред точно две години сме купувале храна од маркетите по цена од 1.000 денари, истата таа храна пред точно една година сме ја платиле за 1.174 денари, додека, пак, денес ја плаќаме 1.350 денари.

Вака податоците на Заводот за статистика ја отсликуваат инфлацијата и поскапувањето со коишто ги потиснуваат и им ги празнат џебовите на граѓаните.

Екипата на Денар направи обиколка во големите супермаркети – кравји кашкавал чини околу 500 денари, мешан кашкавал чини околу 600 денари, пилешки стек чини околу 450 денaри, мисиркин стек е над 700 денари, јогуртот достигна цена од 70 денари за литар, јунешкиот мускул чини 700 денари, а поскапување има и кај замрзнатото месо и рибата.

Граѓаните велат дека само за основни намирници трошат околу 3.000 денари.

-Веќе неколку години по ред со сопругата пазариме веднаш штом добиеме плата, а производи купуваме за целиот месец што нѐ очекува. Порано трошевме во просек околу 5.000 денари месечно само за храна и за пијалаци, а сега не можеме истите тие производи да ги купиме за помалку од 10.000 денари. Еве, погледнете ја количкава, внатре има три торби полни со намирници и неколку гајби со вода, а сметката е 4.800 денари. Многу е скапо, не знам како ќе издржиме во иднина. Тешко е за нас семејствата кои живееме со две просечни плати, а што да прават оние кои се на минималец? – вели граѓанин кој го сретнавме пред супермаркет во Хром.

Дека цените на прехранбените продукти се издигнаа над плафонот говорат и податоците на Државниот завод за статистика, каде што се вели дека само за една година трошоците за храна се зголемиле за 14,8 отсто, а во однос на преклани се зголемени за 17,4 отсто.

Државниот завод за статистика објави последни податоци за инфлација за мај и таа била 11,3 проценти на годишно ниво, за разлика од април кога била 11,3 проценти.

Од Народната банка, пак, информираат дека очекувањата се инфлацијата и понатаму да се намалува, но предупредуваат на неизвесност.

Централната банка во борба против инфлацијата и понатаму ја затегнува монетарната политика и на 20 јуни ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 проценти поени, што таа стигна до 6 проценти креирајќи раст на каматите и на кредитите и на депозитите.

„Во согласност со очекувањата, во мај 2023 година, годишната стапка на инфлација и натаму забавува, а забавување бележи и базичната инфлација (инфлација без трошоци за енергија и храна н.з.), која во мај се сведе на едноцифрено ниво. Сепак, инфлацијата и натаму е висока и над историскиот просек, а базичната инфлација што сѐ уште е висока упатува на тоа дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната сѐ уште не се целосно исцрпени. Очекувањата за идната динамика на цените на примарните производи на берзите се засилуваат во надолна насока, но и натаму се проследени со неизвесност“, велат од Народната банка.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП