2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈа намалуваат амбалажата за да не ја зголемат цената – плаќаме исто,...

Ја намалуваат амбалажата за да не ја зголемат цената – плаќаме исто, ама јадеме помалку

Ем поскапуваат производите, ем се намалува нивната грамажа и литража.

Ваква е новата реалност што нѐ пречекува секогаш кога ќе ги погледнеме рафтовите во супермаркетите и кога ќе сфатиме дека омиленото јогуртче од 15 денари сега чини 25 денари, а наместо во амбалажата од 200 милилитри сега тоа се продава во чашка од 175 милилитри.

Овој проблем со постојаното намалување на спакуваните производи, освен граѓаните, го забележуваат и надлежните, па од Организацијата за потрошували во неофицијален разговор посочуваат дека станува збор за класично генерирање скриена инфлација.

Освен со јогуртот, истата пракса е и со киселото млеко, кое сега веќе се продава во амбалажа од 300 грама наместо онаа препознатива амбалажа од половина килограм која скоро и да не можете да ја пронајдете во ниту една продавница.

-Секогаш купувам еден ист јогурт од 2 литра, а сега забележав дека амбалажата не е истата и дека истиот јогурт со истата цена се продава во пластично шише од 1.75 литри. Истото го забележав и кај млекото, оризот, а за лебот воопшто не треба ни да зборувам. Не знам до каде ќе одиме вака со цените, ова е веќе претерано и ги преминува сите граници. Не ми е толку за парите колку што се чувстсвувам измамено. Што сака да постигне компанијата што го произведува јогуртот, а која сега го продава истиот јогурт по иста цена, но во помала амбалажа? Мислат дека нѐ зафркнале нас купувачите и дека ни протнале финта? Не, баш напротив. Јас повеќе никогаш нема да купам од тој јогурт – изјави Весна Поповиќ од скопската населба Влае.

Инаку, во неформален разговор со членови на Организацијата за потрошувачи на Македонија дознаваме дека намалувањето на спакуваните колини станало пракса уште во 2008 година и дека во тоа време народот поднесувал пријави и жалби, но со текот на годините се навикнал и „си легнал на брашното“.

-Јасно ви е како одат тие работи, во помалите пакувања всушност се крие растот на цената. Затоа ние постојано инсистираме на рафтовите во супермаркетите да биде истакната цена на производот по килограм или по литар, бидејќи на тој начин ќе им биде појасно на граѓаните за колку пари го купуваат одредениот артикл – брифира нашиот соговорник.

Сојузот на синдикати пресмета дека во мај минималната синдикална кошница изнесувала 49.025 денари, а само трошокот за храна и за пијалаци изнесувал 19.432 денари.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП