3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАВрие од крлежи по парковите и тревниците – што треба да сторите...

Врие од крлежи по парковите и тревниците – што треба да сторите ако сте жртва на овие инсекти?

Топлото време, но и зголеменото количество врнежи, поради кои зеленилото и тревните површини забрзано растат, придонесува за зголемена појава на крлежи.

Со оглед на тоа што не постои никаква мерка што би можела да ја спречи појавата на ваквите мали пајаковидни инсекти, лекарите ги советуваат граѓаните да ја зголемат претпазливоста и да бидат посебно внимателни кога со своите деца и миленици шетаат во парковите, шумите, планините…

-Целиот ден недела го поминавме дружејќи се со пријателите, со децата и со милениците во Градскиот парк во Скопје. Прво седевме на клупа, но кога се собравме повеќе луѓе решивме дека е најдобро да седнеме на тревата, како во старите добри времиња. Децата трчаа по тревниците, кучињата си играа со нив, а ние возрасните опуштено си разговаравме и се потсетувавме на моментите од младоста. Денот совршено го поминавме, но на крајот расположението опадна кога забележавме дека и дечињата и кучињата се полни со крлежи. На моето дете се закачиле дури три крлежи – еден под пазувите, еден на глуждот на ногата и еден на стомакот. Потоа забележав дека и кучето е исто така искасано од ваквите инсекти. Исто ги снајде и децата на нашите пријатели, па од паркот испаничени се упативме на дежурен лекар. За брзо време безболно ги отстранија инсектите од децата и нѐ пуштија дома – раскажува Антонија Илиевска од Тафталиџе.

Од Центарот за јавно здравје објаснуваат дека крлежите се паразити на луѓето и животните, кои можат да пренесат патогени што причинуваат различни заболувања.

Тоа што како превентива треба да го направат граѓаните, посочуваат оттаму, е кога одат во природа или на места каде што се очекува присуство на крлежи да носат облека што го покрива телото, долги ракави и ногавици, облеката да биде во светла боја, капа на главата и да употребуваат средства против инсекти по телото.

При враќање од прошетка, додаваат нашите соговорници, луѓето треба да ја протресат облеката, да направат детален преглед на телото и да обрнат внимание на деловите зад ушите, под пазувите, препоните, папокот и зад колената.

Лекарите ги советуваат граѓаните е да ги вадат крлежите со дезинфицирана пинцета, а не со масло, ацетон, крем или солен раствор.

Градските власти, пак, велат дека надлежноста околу парковите им припаѓа на општините и дека Градот има надлежност само за да изврши дезинсекција против комарци.

-Општините се надлежни за спроведување дератизација против инсекти и глодачи на територијата на нивната општина, а во приватни објекти доколку има појава на лебарки или слично, за истата таа се надлежни сопствениците и здруженијата на сопственици – брифираат од Град Скопје.

Болести кои се пренесуваат со убод од крлеж

Вирусни: конго-кримска хеморагична треска, енцефалитис предизвикан од каснување од крлежи, западно-европски енцепфалитис, руски пролетно-летен енцефалитис, омска хеморагична грозница.

Бактериски: лајмска треска, рикециози-марејска треска, повратна треска, како и тулерамиа.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП