6 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАДа купам електричен автомобил или бензинец – ова се мааните и предностите!

Да купам електричен автомобил или бензинец – ова се мааните и предностите!

Што е попрактично, но и поисплатливо за користење – нов и модерен електричен автомобил или традиционален автомобил на бензин, плин или дизел?

Ова прашање сѐ почесто виси во воздухот, особено по продажниот „бум“ на електрични возила во светот, па и кај нас.

Според експертите од автомобилската индустрија со коишто разговараше Денар, засега сѐ уште попрактични се традиционалните возила чии резервоари можете да ги наполните со гориво за само неколку минути и повторно да продолжите со возење. Додека, пак, кај електричните возила, посочуваат познавачите, потребно е да ги вклучите во „штекер“ кога ќе се испразнат батериите и да чекате неколку часа за да се наполнат.

Но, затоа, пак, во поглед на исплатливоста, експертите велат дека електричните возила се далеку поекономични од традиционалните, но резултатите се разликуваат од класа до класа.

-Далеку поисплатливи се електричните автомобили, но тие од средна големина и класа. Тоа не е случај со категоријата мали возила, затоа што овие електрични автомобили често не се конкурентни во споредба со бензинците или нафташите. И тука не зборувам само за горивото, туку и за амортизацијата на возилата, трошоците за одржување, сервисите, па и цената на осигурувањето – објаснува нашиот соговорник.

Слични резултати и одговори даде и Автомобилската асоцијација од каде што направиле детални пресметки во поглед на цената на струјата и цената на горивото.

„Малите електрични автомобили не се конкурентни во споредба со малите автомобили на бензин или на нафта. Дури и со електрична енергија од 30 денари за киловат час и цена на гориво од 100 денари за литар, автомобилите со мотори од оваа категорија се во просек поевтини за возење. Дополнително, цените на електричните автомобили се далеку повисоки во споредба со автомобилите на внатрешно согорување. Сепак, работите изгледаат малку подобро кај возилата од пониската средна класа. Дури и со 30 денари за киловат час електричните автомобили се поисплатливи од традиционалните возила кои користат гориво од 100 денари за литар. Во високата класа, дизелите победуваат, додека, пак, кај луксузните возила, работите изгледаат многу подобро за електричните автомобили“, се вели во соопштението.

Кога електромобилите ќе имаат иста цена со бензинците?

Цените на помалите модели на електрични возила ќе паднат до 2025 година и ќе бидат конкурентни на автомобилите со мотори со внатрешно согорување во Европа и во Северна Америка, соопшти Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Значи, најмногу бензински, бидејќи дизел моторите кај малите автомобили се ретки, а ќе станат уште поретки. За поголемите автомобили како СУВ и пикап камионите, намалувањето на цените ќе дојде малку подоцна, веројатно од 2030 година.

Се очекува глобалната продажба на електрични возила оваа година да се зголеми за 35 проценти во однос на минатата, објави ИЕА.

Има ли Македонија капацитет за користење електрични возила?

Не е само да го купиш возилото, туку треба и да го возиш, а во земјава, сѐ уште нема услови за такво нешто, коментира Марко Богоевски, искусен автоелектричар од Скопје.

Тој во разговор за Денар сликовито објаснува дека градењето куќа секогаш започнува од копањето темели, а не од кровот.

-Не можете да изградите куќа ако најпрво започнете да го правите кровот, а немате никакви темели. Секогаш се почнува од почетокот, а не од крајот. Не знам зошто се форсираат електричните возила во Македонија кога ние немаме никаква инфраструктура која ќе им ги овозможи сите услови на сопствениците на тие возила. Зарем треба да купам електричен автомобил и да се „тепам“ за слободен полнач на сите четири-пет станици низ главниот град? Или да тргнам со возилото на викенд во Маврово и да немам доволно батерија за да се вратам назад? Јас секако мислам дека иднината е во електричните возила, но ги советувам луѓето да не брзаат со купување затоа што ние сѐ уште не сме подготвени – објаснува Богоевски.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП