4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВрие од лажни банкноти од 20 и 50 евра – ни криви...

Врие од лажни банкноти од 20 и 50 евра – ни криви ни должни може да завршите во полициска станица!

Корона-кризата, полициските часови и карантините кои пред некоја година беа секојдневие за сите нас, очигледно им дојдоа како „кец на десетка“ на криминалците за да можат на раат да смислуваат нови инвентивни криминални активности.

А првото нешто што им падна на ум на криминалците, според извештаите на Европол и на Интерпол, е фалсификувањето банкноти.

Всушност, правењето лажни пари не е некој новитет, меѓутоа ковид-годината значително придонесе за зголемување на таквите активности кои не ја заобиколија ниту Македонија.

Секоја држава во изминатиов период маки мачи со решавање на овој проблем.

Денар разговараше со лице коешто сосема случајно стигнало до лажна банкнота од 50 евра и сосема несвесно ја пуштило во оптек во кафеана во Прилеп.

-Бевме собрани со пријателите во една прилепска кафеана. Имаше јадење, пиење, а живата музика дополнително го зголеми расположението кај сите нас. Пари летаа на сите страни, имаше и за свирачите и за келнерите. Кога дојде време да платиме за сметката, јас извадив банкнота од 50 евра и му ја подадов на келнерот, а тој рече дека може да платам и во евра. Плативме и си заминавме. Но, по два дена во мојот дом пристигна полиција која ме однесе во полициска станица. Ми кажаа дека банкнотата што сум ја оставил во кафеаната била фалсификат и бараа од мене да откријам кој ми ја дал. А јас навистина не знам како се најде банкнотата во мојот џеб. Работам со продажба и поправка на скутери, па честопати муштериите плаќаат во евра. За среќа, полицијата сфати дека ја говорам вистината и поминав само со предупредување. Од тој момент ја проверувам секоја банкнота што ќе ми ја дадат муштериите – објаснува 32-годишниот Марко од Прилеп.

Во неофицијален разговор со полициски инспектори дознаваме дека криминалците во земјава и во регионот најчесто фалсификуваат банкноти од 20 евра и од 50 евра, а како што објаснуваат, човечко око никако не може да ја забележи разликата.

Според Европската централна банка (ЕЦБ), годишно во просек се повлекуваат околу 460.000 фалсификувани евра низ цела Европа и во светот, а најмногу лажни евра обично се откриваат во земјите од еврозоната и остатокот од ЕУ, додека само 2,7 проценти во другите делови на светот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП