2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАСе качуваш во приватен автобус и се топиш како свеќа - на...

Се качуваш во приватен автобус и се топиш како свеќа – на возачите им е забрането да ја вклучат климата?!

Голема реткост е да се качите во приватен автобус, а внатрешната температура да биде во граници на нормалата. Ова го тврдат скопјани кои редовно користат јавен превоз и кои се жалат дека ретко кој возач на автобус, а особено на приватните автобуси, одлучува да ги „почести“ патниците со студен воздух од климата.

Во автобусите е вистинска сауна, објаснуваат тие, а возачите не ни помислуваат да ја вклучат климата.

-Ова што се случува не е нормално. Во автобусите, а особено во приватните автобуси, е вистински пеколно жешко. Не се издржува од топлина, честопати гледам како луѓе се онесвестуваат. Па зарем никој не води грижа за благосостојбата на граѓаните? За што плаќаме билети? За да умреме во автобус? Имате ли предвид дека во автобусите се возат деца, стари лица, болни лица, а и трудници? Не се дише внатре, а возачите се прават дека не ги слушаат нашите поплаки. Можам да кажам дека во двокатните автобуси на ЈСП скоро секогаш е вклучена климата, но најлоша е состојбата со приватните автобуси. Ем се стари и искршени, ем не ја вклучуваат струјата. А плус, прозорците не се отвораат оти биле произведени за германски пазар – се жали 52-годишната Јорданка од Ѓорче Петров.

Денар разговараше со сопственик на приватна 22-ка, па како што истакна тој, причината за непуштање на климата е штедењето гориво.

-Јас на моите вработени возачи им имам кажано: „штедете секогаш кога ќе можете да заштедите, ама не дозволувам да трпите“. Значи, ако е жешко, тогаш климата треба да биде пуштена. Нема да се осиромашам ако автобусот денеска потроши неколку литри гориво повеќе, ниту ќе се збогатам ако климата не биде пуштена и заштедам неколку литри нафта. Но, можам да потврдам дека моите колеги, сопствениците на други приватни автобуси, мислат поинаку. Бадијала му викате на возачот кога тој има забрана да ја вклучи климата. А и нему му е жешко, немојте да мислте дека напред кај возачот постуден e воздухот. И тој се поти исто како вас, ама нема што да прави, така му рекол газдата – објаснува нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен.

Од Град Скопје велат дека редовно ги контролираат превозниците согласно Одлуката за линиски превоз на патници во главниот град.

Во однос на температурата во возилата, согласно прописите, сите автобуси што вршат јавен превоз мора да се проветруваат и температурата мора да се одржува помеѓу 10 и 25 степени.

Ако превозниците не се придржуваат до овие одредби, тогаш тие ќе бидат санкционирани од страна на овластени инспектори за патен сообраќај на Град Скопје. Инспекторите се постојано излезени на терен и ги санкционираат оние што не ги почитуваат правилата. Во текот на најтоплиот период од летото ќе ги засилиме активностите на терен. Ги повикуваме граѓаните кои ќе забележат вакво кршење на правилата да го пријават случајот до инспекторатот – брифираат од Град Скопје.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП