Институтот за развој на електронски комуникации – ИНРЕКОМ Скопје смета дека најавените измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не треба да бидат усвоени и ги повикува Владата и Министерството за информатичко општество и администрација да го преиспитаат предлогот.
Новите предложени измени и дополнувања не се нови, истите тие барањата се веќе видени од страна на Асоцијацијата на петте национални терестријални телевизии, како и фактот дека исти такви беа предложени во Собранието преку група пратеници и во Ноември месец минатата година, но без делот со обврските за телекомуникациските оператори. Вакви обиди да се измени Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги имаше и за време на вонредната состојба поради корона кризата, преку владините уредби со законска сила, но истите мораа да се укинуваат или нивното дејство беше „замрзнато“ од страна на Уставниот суд. Нашиот коментар на предложените измени ќе се подели во два дела: едниот ќе се однесува на телекомуникациските оператори и телевизиите а вториот дел ќе се однесува на радиодифузерите и јавните кампањи.

