7 мај, 2024
ПочетнаСВЕТТелата на патниците од подморницата најверојатно никогаш нема да бидат пронајдени

Телата на патниците од подморницата најверојатно никогаш нема да бидат пронајдени

Контраадмиралот на американската крајбрежна стража Џон Маугер, еден од луѓето задолжени за спасувачката мисија на исчезнатата подморница „Титан“, денеска изјави дека можеби никогаш нема да бидат пронајдени телата на петте патници во подморницата.

Американската крајбрежна стража синоќа потврди дека загинале сите членови на екипажот на „Титан“.

„Тоа е неверојатно непростлива средина таму долу на морското дно и остатоците се совпаѓаат со последиците од катастрофалната имплозија. Ќе продолжиме да бараме, но немам одговор за можностите во иднина“, изјави Маугер.

Шефот на британската дипломатија Џејмс Клеверли изјави дека владата им дава поддршка на семејствата на британските граѓани кои загинаа во оваа експедиција, пренесува весникот „Телеграф“.

Пакистанското Министерство за надворешни работи изрази сочувство до семејството на пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман, кои се наоѓале во подморницата.

Подморницата исчезна на 18 јуни за време на експедиција до потонатиот брод Титаник во област на околу 1.500 километри источно од Кејп Код во северниот дел на Атлантикот, на длабочина од приближно четири километри. Акцијата за спасување траеше од 19 јуни.

Во исчезнатата подморница беа британско-пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман, британскиот бизнисмен и истражувач Хамиш Хардинг, Пол-Анри Нарголет, поранешен нуркач на француската морнарица кој претходно го истражуваше Титаник, како и Стоктон Раш, директор на OceanGate, компанијаta која ги организира овие нуркања.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП