3 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Mastercard“ објави глобален план за рециклирање на картичките

„Mastercard“ објави глобален план за рециклирање на картичките

Платежната компанија „Mastercard“ започна глобален проект за рециклирање на кредитни и дебитни картички како дел од планот за избегнување на депонирање на милијарди пластика, а кои се во оптек во индустријата, пишува „Reuters“.

„Mastercard“ првично ќе биде партнер со британскиот кредитор „HSBC Holdings“ во осум филијали во Обединетото Кралство, но компанијата вели дека банките ширум светот, од кои некои веќе започнале свои иницијативи, ќе можат да се приклучат на програмата и да помогнат во остварувањето на заштеди од обем.

„Ги покануваме сите издавачи на картички ширум светот да соработуваат со нас, без оглед на регионот, и да понудат услуги за рециклирање на своите клиенти“, објаснува Ајај Бала од „Mastercard“.

Како дел од планот, компанијата ќе и обезбеди на „HSBC“ машини за сечење, секоја способна да собере 10.000 картички, што е еднакво на 50 килограми пластика. Откако ќе се наполнат, тие ќе бидат префрлени во објект за рециклирање.

Финансиските детали за планот сѐ уште не се јасни, но пилот-проектот, кој првично ќе трае шест месеци, ќе им овозможи на клиентите да ги рециклираат сите пластични картички, вклучително и оние од ривалските добавувачи.

„Овој пилот проект за рециклирање ќе ни обезбеди многу важни информации и ќе послужи за информирање на нашите долгорочни планови“, коментира Хозе Карваљо, раководител на персоналното банкарство во „HSBC“.

„Mastercard“ моментално има околу 3,1 милијарди картички во оптек, со околу 600 милиони нови картички произведени секоја година во индустријата, секоја со животен век од околу пет години.

Во меѓувреме, извештајот на „Nilson“, компанија која ја анализира индустријата, го проценува вкупниот број на картички во оптек на скоро 26 милијарди во 2022-ра година и предвидува дека до 2027-ма година може да порасне на 28,4 милијарди.

Брзиот пораст на употребата на пластика со текот на времето стана еден од најголемите еколошки предизвици со кои се соочува светот, бидејќи пластичниот отпад е еден од главните загадувачи на реките и океаните. Во исто време, процесот на производство на пластика е исто така главен извор на стакленички гасови одговорни за климатските промени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП