9 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЌе ми дадеш 10 денари или да те плукнам?

Ќе ми дадеш 10 денари или да те плукнам?

Ако не баш на секоја или на секоја втора, тогаш со сигурност на секоја трета крстосница во главниот град ќе забележите дечиња како одат од возило на возило и бараат пари.

Многумина возачи ќе им ги подадат железните парички што ќе им се најдат при рака, а други, пак, дрско ќе ги избркаат децата од своите возила или воопшто не го отвораат прозорецот и се прават дека не ги гледаат.

Децата најчесто мирно се повлекуваат, но има и такви коишто се агресивни и кои им прават проблеми на возачите – удираат по возилата, ги корнат бришачите, плукаат, пцујат…

Скопјани се жалат дека има и такви деца кои наместо учтиво и културно да побараат пари за јадење, тие им се закануваат на возачите.

-Застанав со возилото на семафорот кај Рамстор во центарот на Скопје и веднаш покрај моето возило се „нацртаа“ две дечиња кои безобразно ми рекоа: „Ќе ни дадеш 10 денари или да те плукнам?“ Јас само го затворив прозорецот и ја заклучив вратата од автомобилот, а тие почнаа да удираат во возилото, да плукаат по прозорците и да ги корнат бришачите. Не излегов за да ги избркам затоа што забележав дека од другата страна на улицата стојат 5-6 возрасни лица, веројатно нивни роднини или пријатели, кои се смееја и им кажуваа на децата што да направат следно. Знаев дека тие го чекаа токму тоа – да излезам од возилото и да ги избркам децата, па тоа да им биде причина за да ме нападнат или да ме ограбат. За среќа, црвеното светло на семафорот не траеше долго, па успеав да се извлечам без поголеми последици – раскажува Марјан Јаневски од Карпош.

Со слични проблеми се соочуваат и возачите кои минуваат кај Пластичарската улица.

-Знам дека немаат пари и дека се гладни, ама премногу агресивно се однесуваат со возачите. Удираат по возилата, плукаат и нѐ пцујат. Многу непријатни искуства имам секогаш кога сум минувала на Пластичарската улица. Од една страна ми е жал за децата и секогаш сакам да им помогнам, а од друга страна не прифаќам такво насилничко однесување – вели скопјанката Десанка Каранфилова.

Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) брифираат дека постојано ја следат состојбата со децата-питачи и тврдат дека ги преземаат сите потребни мерки за нивна помош и за заштита согласно методологијата за работа на Центарот и законските прописи.
Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП