4 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЗа само 10 евра ризикуваме пожар во домот – викнете си оџачар...

За само 10 евра ризикуваме пожар во домот – викнете си оџачар додека е време!

Летото е период за пливање, за шетање, за реновирање на домот, но и за чистење на оџаците на покривите кои чаделе во текот на зимата.

Сепак, голем дел од скопјаните очигледно не ја прифаќаат ваквата дефиниција за летото, па најчесто ја занемаруваат последната точка – чистењето оџаци.

И покрај тоа што мнозинството жители во метрополата се греат на дрва во текот на зимата, сепак, како што неофицијално дознаваме, професионалните оџачари не се премногу затрупани со работа.
А неисчистените оџаци, освен што загадуваат, претставуваат и огромен ризик по животот на луѓето, бидејќи од недоволно прооден оџак лесно настануваат пожари кои честопати земаат жртви и покосуваат цели населби.

Дел од граѓаните, пак, не ги интересираат ниту субвенциите што ги доделува(ше) Град Скопје за чистење на оџаците.

-Сам си го чистам оџакот. Признавам, не го правам тоа секоја година, туку на секоја втора или трета. Имам четка и сајла, знам како се чисти, па не сакам да давам пари за чистење. Оџакот не е некоја голема филозофија – се качуваш на покривот, ја ставаш сајлата во оџакот и почнуваш да чистиш. Да, ќе се извалкаш целиот затоа што насекаде ќе летаат саѓи и црнила, ама работата обично се завршуваз за помалку од 1 час. Како и да е, пари на оџачари не давам, а и пари за субвенции за чистење не земам! – дециден е Стефан Христовски од скопската населба Лисиче.

Денар разговараше со професионални оџачари кои ги најдовме на огласник.

-Доаѓаме на повик во кој било дел од главниот град. Работиме брзо, ескпресно и квалтетно. Вршиме преглед, машинско чистење и видео-инспекција на секаков вид оџак и вентилација. Елиминирајте го ризикот од настанатите пожари во вашиот дом и ослободете се од штетните издувни гасови кои настануваат поради недоволно добар проток на воздух. По ваша желба чистењето може да биде контролирано со видео-инспекциска камера, чистењето се врши користејќи најнови методи и алати. Во однос на цената, минималната изнесува 10 евра, а таа се зголемува во однос на потребите и вашите желби. Јавете се, ќе се договориме – ни одговори оџачарот со кој што разговаравме.

Градските власти објаснуваат дека спроведуваат голем број мерки во насока на намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух, каде што како една од причините е затоплувањето на доовите.

Оттаму брифираат дека заинтересираноста за овој јавен повик отсекогаш била ниска.

Изминатите неколку години Град Скопје распишуваше јавни повици за доделување субвенции за чистење на оџаците на домвите на граѓаните. Генерално, заинтересираноста за оваа мерка беше ниска, не бевме задоволни од резултатите и затоа секоја недела ги потсетувавме граѓаните за поволностите од користењето на мерката – брифираат вработени во Град Скопје.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП