26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтрујата секако ќе поскапи – прашањето е колку?!

Струјата секако ќе поскапи – прашањето е колку?!

Ќе има ли ново поскапување на електричната енергија од 1 јули годинава? Ова прашање периодов буквално виси во воздухот, бидејќи властите одлучија да тактизираат и да не даваат прецизен одговор.

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски, беше повеќе од јасен: „противник сум на идејата за поскапување на електричнате енергија и сметам дека сега не е време да се врати ДДВ-то за струјата од 10% на 18%“.

Но, очигледно, надлежните министри не се согласуваат со ставот на Бислимовски.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека дури и да не се врати ДДВ-то, сепак струјата ќе се покачи.

За волја на вистината, сличен став делат и експертите за економија и за енергетика кои тврдат дека поскапување на електричната енергија со сигурност ќе има, бидејќи, како што објаснуваат, енергетските компании веќе подолг период работат со загуби и имаат големи долгови кои се покриваат од Буџетот на државата.

Од партијата на Христијан Мицкоски бараат враќање на стапката на ДДВ за струјата на 5 отсто наместо најавените 18 отсто.

– Ако не се прифати нашиот предлог, тогаш од 1 јули граѓаните ќе плаќаат поголеми сметки за струја за најмалку 8 отсто. Во моментов, стапката на ДДВ е 10 отсто, а ние сметаме дека најдобро е да се намали на 5 отсто наместо да се зголеми на 18 отсто. Државната ЕСМ работи со огромни загуби. Само минатата година вкупните загуби на ЕСМ изнесуваа 230 милиони евра кои им беа дадени од Буџетот, а компанијата тие средства ги покажа како приходи и имаше добивка. Но, реално гледано, ситуацијата не е таква. Ако ги извадиме тие пари ќе видиме дека ЕСМ лани остварила загуба од 180 милиони евра. Поради тоа ќе се зголеми цената на струјата. Буџетот мора да се полни за да се даваат пари на државната ЕСМ, а ако тоа не се направи преку ДДВ-то, тогаш ќе се направи преку сметките на граѓаните – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сличен став делат и енергетските експерти, кои сметаат дека сметките за струја најверојатно ќе се зголемат за 8 отсто.

Според нив, враќањето на евтината дневна тарифа која ќе трае само два часа во денот нема да има преголем ефект врз сметките за електрична енергија, туку, како што велат, евтината струја два часа дневно ќе можат да ја користат само пензионерите и невработените.

Дали и колку точно ќе поскапи струјата зависи исклучиво од ЕСМ и од цената на мегават час која државната компанија ќе ја понуди на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, а која треба да биде одобрена од Владата.

Неофицијално, пресметките се дека треба да изнесува околу 73 евра за компанијата да може да работи рентабилно и без загуби.

Енергетските оператори МЕМО, МЕПСО и Електродистрибуција ги доставија своите пресметки во кои бараат зголемување на цените на нивните услуги.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП