ЕКОНОМИЈА

Некој ќе оди на одмор во јули само ако ја земе платата за февруари

Јуни полека одминува, за околу две недели ќе пристигне јули, а сѐ уште е голем бројот на работници во земјава кои ги молат своите газди да им ги исплатат февруарските, мартовските и априлските плати.

Од Управата за јавни приходи (УЈП) за Денар брифираат дека бројката на работници кои се оставени без плати е поголема од 20.000, а како што велат оттаму, воопшто не е занемерувачка бројката од околу 6.000 вработени кои ја чекаат февруарската плата.

Над 7.000 работници немаат земено плата за март, а околу 9.000 вработени молат за априлската плата.

Нашите соговорници не сакаат да откриваат имиња на компании, но како што велат, фирмите се од сите сектори и дел од нив се повторуваат.

Денар разговараше со скопјанецот Зоран од Скопје, кој се пожали дека сѐ уште ја чека априлската плата.

– Немаме земено плата повеќе од два месеца. Платите ги добиваме во половинки – половина плата на почеток на месец, а другата половина на средина на месец. Секој ден го прашуваме шефот кога ќе има плата, а тој само крева раменици и нѐ препраќа кај директорите, а тие, пак, воопшто не ги ни интересира нашата ситуација. Се наближуваат летните одмори, имам дечиња кои чекаат да ги однесам некаде на одмор, а како да ги однесам? Што да им речам? Па и тие мислат дека ги лажам кога им кажувам дека одам на работа, а пари не добивам – раскажува нашиот соговорник, инаку вработен во Македонски железници.

Според Законот, рокот за поднесување на М-ПИН пријавите за плати е до 10-ти во месецот, а обврската за исплата на платите е до 15-ти во месецот.

Оние работодавци кои не ги исплатиле своите вработени заклучно роковите, тие добиваат опомена, а подоцна ќе им биде блокирана и сметката.

Б.М.