3 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„GM“ и „Samsung SDI“ ќе инвестираат 3 милијарди долари во САД

„GM“ и „Samsung SDI“ ќе инвестираат 3 милијарди долари во САД

„General Motors Co.“ и „Samsung SDI“ ќе изградат фабрика за батерии за електрични возила од повеќе од 3 милијарди долари во Индијана, која треба да започне со работа во 2026-та година, отворајќи 1.700 работни места, објави „Reuters“, цитирајќи го гувернерот на државата Ерик Холкомб.

Компаниите во април соопштија дека ќе инвестираат повеќе од 3 милијарди долари за изградба на заедничко вложување за производство на батерии за електрични автомобили во САД, но не ја прецизираа локацијата.

„Reuters“ во јануари објави дека „GM“ се откажала од изградбата на четврта фабрика за батерии со „LG Energy Solutions“ во Индијана, додавајќи дека групата сепак може да ја избере Индијана да изгради гигафабрика со друг партнер.

Заедничката фабрика на „GM“ и „Samsung SDI“ во близина на Њу Карлајл, Индијана, ќе има годишен производствен капацитет од 30 гигават часови (GWh). Фабриката ќе произведува призматични и цилиндрични батериски ќелии со висока содржина на никел.

„Со обезбедување на Индијана како силна основа покрај „GM“, „Samsung SDI“ ќе испорачува производи со највисоко ниво на безбедност и квалитет во обид да им помогне на САД да се движат напред во ерата на електрични возила“, рече извршниот директор на „Samsung SDI“, Јунхо Чои.

Американското Министерство за енергетика го финализираше заемот од 2,5 милијарди долари за заедничкото вложување „GM-LG Energy Ultium Cells LLC“ кон крајот на минатата година. Компаниите градат фабрика во Мичиген вредна 2,6 милијарди долари, која треба да биде отворена во 2024-та година, откако ќе отвори слична фабрика во Охајо и ќе изгради друга во Тенеси.

„GM“ очекува да произведе 400.000 електрични возила во Северна Америка од 2022-ра до средината на 2024-та година и да го зголеми капацитетот за автомобили со овој погон во Северна Америка на 1 милион единици годишно во 2025-та година.

„Reuters“ во април објави дека „GM“ ја разгледува можноста за изградба на најмалку две дополнителни фабрики за склопување на електрични возила, покрај четирите за кои станува збор, за да ја задоволи идната побарувачка на пазарот на електрични автомобили.

Исто така во април, претседателот на „United Auto Workers“, Шон Фејн и американскиот сенатор Берни Сандерс го критикуваа заедничкото вложување „GM-LG“ во Охајо, велејќи дека им плаќа на своите работници многу помалку од работниците во монтажните погони и покрај тоа што имаат корист од огромни даночни бенефиции, стимуланси обезбедени од американската влада.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП