1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Скопје, мрачно ти ќе бидеш“ – општините штедат струја, уличното осветлување не...

„Скопје, мрачно ти ќе бидеш“ – општините штедат струја, уличното осветлување не работи

Рестрикциите поради штедење електрична енергија веќе одамна се минато, а единственото нешто што ги потсетува граѓаните со каква неизвесност со струјата се соочувавме во текот на зимата е мракот кој преовладува секоја вечер на улиците, па дури и во урбаното градско подрачје.

Доколку решите во вечерните летни часови да испешачите низ населбите Карпош, Ѓорче Петров, Центар или Аеродром, тогаш треба да знаете дека уличното осветлување не работи, па бидете подготвени да наидете на црна темнина.

Жителите на овие скопски населби се револтирани поради тоа што редовно плаќаат за улично осветлување, а секоја вечер стравуваат за својата безбедност и за безбедноста на своите деца.

– Многу е страшно. Јас живеам во населбата Аеродром и можам да кажам дека со страв се враќам дома во вечерните часови. На булеварите преовладува црна темница, а да не зборувам за помалите улички. Замислете, одам пешки по булеварот Јане Сандански и си го осветлувам патот со блицот од мобилниот телефон. И само се молам да не наидам на некоја глутница со кучиња-скитници – вели Александар Стефановски.

За својата безбедност повеќе стравуваат припадничките на понежниот пол, оти, како што објаснуваат, се плашат да не бидат физички нападнати од некого во темнината.

– Секоја вечер работам до 22 часот, па дома секогаш си одам во црна темнина. Нозете ми се пресекуваат од страв уште на автобуската станица кај Карпош 4. Не можете да си замислите каква е сликата надвор. Хорор филм. Прст пред око не се гледа. Секоја вечер со трчање си одам дома, многу ми е страв – раскажува Магдалена Димовска.

Интересно е тоа што скопската градоначалничка Данела Арсовска уште лани во август изјави дека Град Скопје нема под ниту еден услов да го изгасне јавното осветлување на улиците и на булеварите.

– Приоритет треба да има јавниот интерес, а особено безбедноста и сигурноста на скопјани. Ќе направиме сѐ што е потребно, но нема да удриме врз грбот на граѓаните и нема да дозволиме да биде нарушена безбедноста при движењето на булеварите – рече тогаш Арсовска.

Инаку, комуналната такса за улично осветлување граѓаните ја плаќаат во сметката за електрична енергија, а од ЕВН објаснуваат дека парите директно ги префрлаат на сметките на општините.

Секое домаќинство, објаснуваат од ЕВН, плаќа 184 денари месечно за улично осветлување, а секоја фирма плаќа по 368 денари.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП