ПочетнаЕКОНОМИЈАДигиталната трансформација мора да почне од самите себеси!

Дигиталната трансформација мора да почне од самите себеси!

Дигитализацијата на глобално ниво повеќе не се третира како тема која е нова, туку развиениот свет веќе ги ужива придобивките од новите технологии и изуми кои се својствени за ова модерно време. Во Македонија се уште се разговара и се апелира дека мора што побрзо да се приклучиме на дигиталната трансформација бидејќи доцниме многу со имплементација на истата. Додека во земјава се дебатира кој е виновен за сметот по улиците и парковите, кои се причините за загадениот воздух, во светот на големо се работи на дигитална еколошка одржливост, вештачка интелигенција и останати напредни технологии кои во иднина ќе бидат неопходни во секојдневието на луѓето.

Дигитализацијата или самата трансформација на технологиите не треба да се случува само на институционално ниво, туку многу по суштински, сметаат од невладиниот сектор.

Потребно е да се види широката слика, многу е важно дигитализацијата да се разбере како процес кој мора безрезевно да помине кај секого, односно таа да се случи првенствено кај граѓаните. Дигитализацијата треба да биде општествен процес, а не политички. Пред неколку години државата започна со засилено темпо инвестиции во дигитализацијата, граѓаните имаат можност електронски да добиваат серија на услуги кои ги немаа граѓаните од државите од опкружувањето, но за брзо време од лидери во регионот соседите отидоа многу понапред од нас.

 „Постои дигитален јаз во однос на вештините. Сите во општеството треба да ги имаат потребните вештини за да ги користат услугите кои Владата им ги нуди. Уште еден предизвик е отпорот кон промена. Овде мислиме на отпор во повеќе нивоа. Најпрво овде е стравот од промена кој некогаш е базиран на страв дека вештачката интелигенција ќе ни ги земе работните места, но и отпорот на институциите да интегрираат нови техниологии. Се соочуваме со предизвиците со кои се соочувавме и пред неколку години. Како општество, не можевме да се справиме со таа брзина на развој. Имаме и нешта кои сме ги наследиле од пред 10-20 години. Сето тоа бара попосветена работа, бара соработка меѓу Владата, бизнисите и граѓанскиот сектор. Тоа е единствениот начин да се справиме со предизвиците“, велат од Фондацијата Метаморфозис.

Експертите сметаат дека преку поголема примена на нивите технологии и иновации повеќе од сигурно е загарантиран економскиот развој и напредок на општеството. За економски раст над 5 % неопходно е да се имплементираат новите технологии пред се во производните и услужните дејности, и самата дигитализација ќе направи побрз процес на трансформација за грижата за животната средина.

Од Владата остануваат на ставот дека државен приоритет е креирање на планови за дигитална трансформација, но тоа на терен многу и не е забележително барем такви се  ракциите на граѓаните. Властите го потенцираат проектот кој во регионот се реализира веќе трета година а има за цел компјутерската моќ да стане зелена. Тоа значи обезбедување на дигитална еколошка одржливост, како на локално така и на национално ниво. Овој проект постои и е во рализација во Грција, Албанија, Бугарија и на Кипар, а веќе се започнати активности и во Македонија.

„Дигиталната трансформација е глобален тренд и ние мораме да го фатиме чекорот. Предизвиците за јавниот сектор се големи. Радува фактот дека постои свесност за потребата од подинамична трансформација на начинот на управување со процесите. За тоа се потребни нови алатки, но и знаење. Со поддршка од Европската Унија, Бирото за регионален развој го прави токму тоа. Очекувам преку вакви проекти да продолжи трендот на прилагодување и побрза трансформација и на јавниот и на бизнис секторот и наше целосно прилагодување на целите на ЕУ и на глобалните развојни цели на ОН“, Велат од Владата.

За целосна трансформација во дигиталната ера потребно е да се воспостават промените од самиот почеток на развој на луѓето, односно од најниското образовно ниво. Затоа младите во земјава со години имаат иницијативи за што поголема дигитализација на образовниот процес. Од Младинскиот образовен форум и натаму се на став дека електронските услуги се на ниско ниво во Македонија и се доцни со имплементација на многу важни алатки. Секојдневно се зборува за дигитализација а во реалноста на „стаклени нозе“ функционира електронскиот дневник, или елекронско пријавување за упис во средно или испит на факултет.

„Очигледна е дискрепанца помеѓу тоа што го планираат образовните установи и тоа што го очекуваат студентите да биде дигитализирано. Имено, студентите повеќе се надеваат на дигитализација на административните процедури на факултетите, кои ги има во изобилство, за да се намали чекање редови во студентски служби, трошење пари за пријави на испит, заверки на семестар, уплаќање на школарина, проблеми со изгубени пријави, индекси, уплатници. Има дискрепанца помеѓу тоа што институциите го имаат во план и услугите кои студентите се надеваат дека ќе им бидат достапни. Тие попрво би прифатиле дигитална форма на пријавување на испит, отколку смарт табла или нови иновативни методи на следење настава од дома“, велат во МОФ. Темата за дигиталната трансформација е многу широка и може да се опфати од повеќе агли, но никако не смее да се потцени или игнорира. Државава мора да го фати чекорот и да продолжи со промените. Само така ќе се добие квалитетен развој на земјава а граѓаните на Македонија ќе уживаат во услугите на новото време кое веќе одамна им се на располагање на жителите од западно европските држави, со кои властите редовно знаат да ја споредуваат земјава.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП