19 март, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАВо земјава има 263 амбулантни возила просечно стари 12 години, но само...

Во земјава има 263 амбулантни возила просечно стари 12 години, но само 30 од новонабавените 80 возила се нови

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на амбулантните и санитетските возила на здравствените установи во земјава.

Според истражувањето, во земјава има вкупно 263 вакви возила. Санитетско или амбулантно возило поседуваат вкупно 58 здравствени установи.

Најстарото возило – Мерцедес од 1988 година, го користи Болницата за респираторни заболувања од Отешево. Најнови се две возила набавени минатата година, едното од Клиничката болница во Штип, а другото од Здравствениот дом во Тетово.

Просечната набавна вредност на возилата е 38 илјади евра. Најскапо купени воопшто вакви возила во земјава се двете возила подарени од Министерството за здравство на Клиниката за детски болести од Скопје во далечните 2001 и 2013 година, со набавна вредност од 105 и 135 илјади евра.

Дури 73 проценти од сите овие возила, здравствените установи ги добиле на користење или како донација. Само околу 22 % од возилата, здравствените установи ги купиле со сопствени средства.

Министерството за здравство најчесто се јавува како институција која им ги отстапува на користење возилата на здравствените установи, додека како донатори се јавуваат други земји, невладини организации или поединци.

Најчеста марка амбулантни и санитетски возила е Рено, од која има дури 74 возила, од кои 62 возила се од моделот Трафик. Следни се Ситроен со 35 возила, како и Фиат и Фолксваген со по 26 возила.

Споредбата со истото вакво истражување покажува дека сега има 80 вакви возила повеќе отколку во 2019 година, но само 30 од новостекнатите 80 возила се нови, односно произведени во последните три години, додека другите се повторно стари возила.

Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП