19 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа скопјани им е скапо да изнајмуваат електрични тротинети, а еве колку...

На скопјани им е скапо да изнајмуваат електрични тротинети, а еве колку чини минутата во другите градови

Пред да биде целосно укинато, односно забрането поради безбедносни и регулативни причини, изнајмувањето електрични тротинети во Париз беше најевтината услуга од ваков тип во цела Европа.

Откако Франција одлучи да ја укине ваквата услуга во главниот град, која, очигледно, создаваше повеќе проблеми отколку корист, на првото место со најниска цена за изнајмување електричен тротинет во земјите од Европа е – Скопје.

Една минута возење електричен тротинет низ Париз чинеше 9 денари, исто колку што чини минутата сега во Скопје.

Но, судејќи по реакциите и коментарите на социјалните мрежи, нашите граѓани не се баш најзадоволни со цената, оти, како што велат, едно 10-минутно возење ќе ги чини цели 90 денари, а реално гледано, со оглед на инфраструктурата во Скопје, за 10 минути не се стигнува премногу далеку.

-Скапо е користењето на електричните тротинети во Скопје и навистина не знам кој е тој што може да си дозволи секојдневно да ги користи како јавен превоз. Како прво, нашиот град сѐ уште не е велоград и инфраструктурата не дозволува брзо и безбедно движење со електрични тротинети и велосипеди. Ако земеме предвид дека максималната брзина на тротинетите е 25 километри на час, тоа значи дека за 10 минути можам да извозам најмногу 3 километри, без никакво застанување и со полна брзина. Но, сите знаеме дека такво нешто не е возможно. Има семафори, има пешаци на велосипедските патеки, има пешачки премини, дупки на патот… Како и да е, за блиски релации, поисплатливо е возењето со такси – коментира 26-годишниот Кристијан од Центар.

Тој вели дека голем проблем претставува и тоа што буквално секој што поседува мобилен телефон и кој има платежна картичка може да користи електричен тротинет и да биде учесник во сообраќајот во Скопје.

-Вклучително и децата, кои не ги познаваат сообраќајните правила и прописи. Нема никаква селекција за тоа кој може да користи електричен тротинет, а тоа не е добро. Башка тоа што за изнајмување на електричниот тротинет не се бара задолжително поседување заштитна опрема, односно кацига. Ги гледаме примерите од странство, но некако забораваме дека тоа се развиени земји каде што се почитуваат правилата и каде што живеат луѓе со висока свест – објаснува нашиот соговорник.

Сепак, во однос на прашањето дали изнајмувањето електричен тротинет во Скопје е скапо или не, направивме мало истражување и успеавме да ги дознаеме цените во дел од европските метрополи.

Во Берлин, на пример, една минута возење со јавен електричен тротинет чини 12 денари. Во Барселона една минута чини 15 денари, во Лисабон е 10 денари, во Тулуз е најскапо и изнесува 16 денари.

Во земјите од регионот, најскапа е минутата во Загреб и во Софија, каде што изнесува 16 денари. Потоа следува Тирана со 11 денари, Белград со 10 денари и Скопје со 9 денари.

Инаку, Скопје неодамна стана првиот град во Македонија каде што граѓаните можат да изнајмуваат електрични тротинети. Оваа услуга е овозможена од турската компанија Бин-Бин, која во соработка со ЈП Градски паркинг – Скопје, постави 500 електрични тротинети на 19 базни станици низ градот.
За да ги користат тротинетите, граѓаните треба да симнат мобилна апликација на своите телефони, да уплатат одредена сума и да го лоцираат најблискиот слободен тротинет на мапата. Тротинетот се отклучува со апликацијата и може да се вози во рамки на дозволените граници кои се означени на мапата.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП