23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПреработувачката индустрија со најмногу огласи за вработување!

Преработувачката индустрија со најмногу огласи за вработување!

Во време кога се поактуелна е темата за недостатокот на работен кадар и увоз на работници од странство во земјава на пазарот на труд недостасуваат околу 10 илјади работници. Според официјалните податоци во моментов има отворено огласи за 9467 вработувања за најразлични позиции. Овие податоци се од Државниот завод за статистика, а во Агенцијата за вработување се регистрирани близу шест илјади слободни работни места. Разликата во овие бројки е поради тоа што секој ден може драстично да се менува бројот на баратели на работа и на оние кои нудат вработување.

Најмногу работници недостасуваат во преработувачката индустрија односно 2424 лица. Втора дејност со најголема побарувачка за нови работни места е трговијата на големо и мало каде во моментов недостасуваат 1777 работници. Во извештајот на статистика се наведува дека во компаниите се потребни дури 840 лица за административни и други помошни услужни дејности. Во секторот транспорт и складирање нешто над 700 лица, а исто толку недостасуваат и во секторот градежништво. По околу 300 лица недостасуваат во секторите: образование, уметност забава и рекреација, информации и телекомуникации, објекти за сместување и слични дејности.

Што се однесува до големината на компаниите најмногу работници недостасуваат во големите, односно кај оние фирми кои имаат од 50 до 250 вработени. Во тие компании има 3003 слободни работни места. Во фирмите од 10 до 50 работници и кај оние над 250 работници потребата за нов работен кадар се движи од нешто над 2 200 работници. Во компаниите од три до девет вработени има отворено огласи за нешто над 1900 работници.

Во однос на регионите, Скопскиот има најголема потреба од нови работници каде се бараат 4297 лица, следуваат Пелагонискиот со 1527 работници, потоа Вардарскиот и Југозападниот кои имаат потреба од речиси 800 нови вработувања. Во останатите региони како Источен, Југоисточен, Полошки, и Североисточен се бараат од 500 до речиси 700 нови работници.

Статистичарите ги објавија и податоците за пополнетите работни места, каде има близу половина милион односно 487 237 лица. Најмноу од нив или нешто над 110 илјади лица работат во преработувачката индустрија каде што практично има и најголема понуда за вработување во моментов. Следува исто така дејноста трговија на големо и мало каде се вработени без малку 84 илјади лица.

Од податоците кои се достапни на Агенцијата за вработување може да се забележи дека на пазарот на труд недостасуваат работници од повеќе индустрии, но во моментов најмногу во услужните дејности. Секако преку оваа институција освен келнери, готвачи, продавачи се бараат и доктори, правници, економисти и останати лица кои имаат повисоки квалификации од поголемиот дел на граѓаните кои се помалку се активни на пазарот на труд.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП