20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААко не сте „до гуша“ заглавени при купувањето стан, тогаш за гаражата...

Ако не сте „до гуша“ заглавени при купувањето стан, тогаш за гаражата не ви бега банкрот – цените скокнаа до 16.000 евра

Шегаџиите велат дека купувањето стан без гаража во Скопје е исто како да го купите најскапото Ферари и да му вградите плински уред за помалку да троши бензин.

Мора да признаете дека шегата е навистина добра, но колку ли ќе им биде навистина смешно на шегаџиите кога ќе чујат дека цената на гаражите во главниот град се движи до 16.000 евра?!

Во неформален разговор со инвеститори, но и од самите огласи на социјалните мрежи дознаваме дека покрај цените на становите, од неодамна пораснаа и цените на гаражите. Па така, зависно од местоположбата и староста на зградите или објектите, гаража во Скопје може да се купи по цена од 6.000 до 16.000 евра.

Изнајмувањето на гаражите, пак, според огласите, чини и до 1.200 евра годишно, а верувале или не, слична е состојбата и во другите градови низ земјава.

Дел од граѓаните се револтирани од високите цени и велат дека е тотална неправда тоа што цените за гаражите се изедначуваат со цените на становите.

-Купив стан од 900 евра за квадрат, а сега излегува дека слична сума треба да платам и за гаражното место. Па зарем да паркирам автомобил од 2.000 евра во гаража којашто сум ја платил 6.000 евра? Сепак, немаме друг избор освен да купиме, оти инвеститорот не предвидел и не изградил доволно надворешни паркинг места – раскажува Кристијан од скопско Мралино, кој минатата година купил стан во Карпош.

Градежните експерти со коишто разговаравме, пак, велат дека доколку не се стави ред во надзорот и во техничкиот прием на новоизградените згради, цените на гаражите ќе стигнат и до 50.000 евра.

Инаку, вообичаената големина на паркинг просторот изнесува 15 квадратни метри, односно 3 со 5 во затворен простор и 2.5 со 5 метри на отворен простор.

Купувањето гаража, на пример, во Тетово, каде што тешко може да се најде паркинг простор на отворено чини повеќе од 10.000 евра.

Во Штип, пак, гаражите се продаваат по цена од 6.000 до 8.000 евра.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП