27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајмногу се умира во сабота на работа – бидете посебно внимателни во...

Најмногу се умира во сабота на работа – бидете посебно внимателни во вторник и во четврток

Станале рано наутро, како и секој друг ден во годината. Го испиле првото утринско кафе, како и секој друг ден во годината. Ги бакнале своите деца, како и секој друг ден во годината. Заминале на работа, како и секој друг ден во годината. Но, овојпат, со една единствена разлика: никогаш повторно не се вратиле од работа и никогаш повторно не ја добиле можноста да ја повторат рутината.

Ваква трагедија само во текот на минатата година ги снашла 22-ца работници, кои загинале на своето работно место, додека, пак, со тешки повреди се здобиле 169 работници, покажуваат податоците на Македонското здружение за заштита при работа.

Овие несреќи, според пресметките на Здружението, покрај човечките загуби и загубеното здравје на работниците, државата ја чинеле повеќе од 11 милијарди евра, а директните загуби изнесуваат цели 468 милиони евра.

Од Здружението се правдаат дека бројките на смртни случаи не се официјални и дека ги собираат податоците од информациите објавени во медиумите, но апелираат до надлежните да се воведе систем според кој точно ќе се знае колку несреќи се случуваат на работното место, кои се причините, кои професии се најопасни, што треба да се преземе за да се намали бројот на повреди и смртни случаи.

Ако одиме град по град, тогаш најмногу несреќи на работно место се случиле во Скопје – вкупно 39, па следуваат Битола со 25 и Прилеп со 21. Во Скопје имало и најголем број смртни случаи поврзани со работното место – вкупно 4, а потоа следуваат Струга, Струмица и Неготино со по 3 смртни случаи.

Кога станува збор за професиите, најмногу несреќи – вкупно 59 – имало во преработувачката индустрија, а потоа следуваат јавната управа и одбраната со 27 несреќи и градежништвото со 14 несреќи. Најмногу смртни случаи имало во дејностите на домаќинства како работодавачи – вкупно 8, градежништвото 6 и преработувачката индустрија 3.

Од Здружението за заштита при работа појаснуваат дека дејностите на домаќинства како работодавачи ги опфаќаат земјоделските работи на своите имоти.

„Доколку овие лица се регистрирани како земјоделци, тогаш голем дел од повредите би се припишале на дејноста земјоделство. Најголемиот број несреќи во оваа дејност се случиле со земјоделска машина – трактор, при вршење на земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај. Исто така, градежните зафати врз објектите од домаќинството каде што имаше исто така зголемен број повреди и смртни случаи, покажува дека дејностите во домаќинствата се една од најчестите причини за настанување несреќи при работа“, наведуваат од Здружението за заштита при работа.

Податоците покажуваат и дека најмногу несреќи на работното место со смртни последици се случиле во сабота – вкупно 6, во петок – 4, во четврток и недела по 3. Речиси ист број смртни случаи, по два, имало во првите три работни денови од неделата, а исто така голем број повреди имало и во другите денови од неделата од кои предничат вторник со 42 и четврток со 41 повреда.

Во поглед на месеците, мај е најопасен месец – вкупно 32 несреќи. Во летните месеци се случиле најмногу смртни случаи, а јули е на врвот со вкупно 6 смртни случаи.

Во однос на возраста, најголемиот број несреќи – 20, се случиле на лица на возраст помеѓу 45 и 54 години, а најмногу смртни случаи – 8, се случиле на лица на возраст од 55 до 63 години.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП