18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗелениот картон оди во историјата, ама ќе плаќаме поскапа регистрација?!

Зелениот картон оди во историјата, ама ќе плаќаме поскапа регистрација?!

Замислете какво финансиско олеснување би почувствувале сите ние доколку би се укинало задолжителното купување зелен картон за автомобилот при патување во странство?!

За среќа, иницијатива за укинување на зелениот картон веќе постои, а како што неофицијално дознаваме, во тек е воспоставување единствена премија за осигурување на возилата од автоодговорност, исто како што тоа е дефинирано со директивите на ЕУ.

Од Министерството за финансии брифираат дека заедно со Агенцијата за супервизија на осигурување и Националното биро за осигурување веќе активно се прават анализи за укинување на зелениот картон, кој, за волја на вистината, е прилично скап за нашите македонски стандарди.

Анализите, како што дознаваме, предвидено е на експертите да им одземат повеќе од 8 месеци, а започнати се во декември минатата година. Според плановите, во последното тримесечје на годинава треба да се донесе конечната одлука дали ќе се применува европскиот модел и кај нас, по што ќе треба да се направат измени на Законот.

Накратко, ваквата евентуална измена ќе значи поскапување на осигурувањето, односно процесот на регистрација на возилата, бидејќи во цената ќе биде вклучено и осигурувањето од автоодговорност, како и износот за зелен картон кој ќе стане задолжителен за сите возачи без разлика дали патуваат надвор од Македонија.

Засега никој не ги открива точните цени и трошоци, но според анализите, граѓаните имаат поделени мислења околу оваа измена.

Дел од возачите се радуваат поради тоа што ќе добијат поевтин зелен картон, имајќи предвид дека македонскиот е најскап во регионот. Но, дел од граѓаните негодуваат, бидејќи, како што велат, регистрацијата на возилата ќе биде прилично поскапа, а многу возачи низ земјава поседуваат автомобили со кои никогаш не ја преминуваат границата.

-Според анкетите, голем дел од возачите се воодушевени од веста дека се работи на изнаоѓање решение за укинување на зелениот картон, односно на негово интегрирање во самата регистрација на возилото. Но, има и такви, особено во руралните делови на земјава, кои ги користат своите возила за одење на пазар, на гости од село во село, на нива…. И тие никогаш не ни планирале да купуваат зелен картон, оти никогаш не ни планирале да одат во странство со нивниот автомобил. Проблемот е во тоа што сега тие ќе треба да плаќаат поскапа регистрација – брифираат нашите извори кои работат на иницијативата.

Колку чини зелениот картон?

Според актуелниот ценовник, зелениот картон за патничко возило до 66 киловати на годишно ниво чини 3.690 денари, а за тие над 66 киловати за една година чини 5.536 денари.

Цената за патничко возило до 66 киловати за месечно ниво изнесува 1.850 денари, а за возило над 66 киловати е 3.075 денари.

За влечните и за специјалните возила, мотоциклите, приклучните и работните возила, зелениот картон изнесува 5.536 денари, додека, пак, цената на товарните возила и автобусите е 17.222 денари. Важноста на зелениот картон е 12 месеци или во рамки на времетраењето на полисата.

Како е во Европа и на Балканот?

Во најголемиот дел од земјите-членки на Европската Унија, сопствениците на автомобили плаќаат единствена премија за осигурување и за зелен картон.

Во регионот, пак, Србија, БиХ, Албанија, Словенија и Грција веќе се приклучија на поголемиот дел од земјите од ЕУ каде што е воведено единствено осигурување од автоодговорност и каде што зелениот картон е интегриран во цената за регистрација на возилото.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП