27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТежок живот печалбарски – отворете ги очите пред да аплицирате за сезонска...

Тежок живот печалбарски – отворете ги очите пред да аплицирате за сезонска работа во странство

Огласниците и социјалните мрежи веќе одамна се преплавени со огласи кои на македонските граѓани им нудат сезонска работа во некоја од земјите во регионот, најмногу во Словенија и во Хрватска.

Многумина нашинци уште на самиот почеток на пролетта ги спакуваа куферите и заминаа во овие земји за да си ја испробаат среќата, а бројот на нашинци-сезонски печалбари се очекува да се зголемува како што ќе наближува пикот на летната туристичка сезона.

Според ланските проценки, околу 10.000 македонски работници прифатиле сезонска работа во земјите од поранешна Југославија, а овојпат се проценува таа бројка да биде барем двојно повисока.

Сепак, не е сѐ така розево, велат стручни лица од секторот.

Имено, искуствата од изминатите туристички сезони говорат дека дел од граѓаните кои сезонски работеле во странство се задоволни, но од друга страна, пак, воопшто не е потценувачки бројот на печалбари кои биле излажани, измамени и кои уредно платиле за вработувањето, а кои никогаш не добиле плата и поволности според огласот или според усниот договор со посредувачите или со агенцијата.

Најголемата опасност за лицата коишто бараат сезонска работа во странство, велат упатените, е појавата на многубројни нелегални агенции за посредување за сезонска работа во странство, чија главна цел е да ги измамат „регрутите“ и со лажни ветувања да им ги земат парите.

– Станува збор за класично отсуство на државна стратегија за сезонско вработување во странство. Државата, едноставно, ги остава своите граѓани на цедило и воопшто не мрднува со прст за да им овозможи гаранција за одредени права во туѓа држава. Сезонското вработување треба да се одвива преку државни канали, со меѓудржавни договори, а државата цврсто треба да стои зад своите работници. Оти, како што сега стојат работите, ниту еден сезонски работник од Македонија не чувствува сигурност и гаранција додека работи во странство. Плус, има многу нелегални агенции за сезонско вработување кои прават регрутации во земјава, а кои најчесто не ги исполнуваат своите ветувања, вели сопственикот на една позната скопска агенција за вработување, кој сакаше да остане анонимен.

Дека постојат злоупотреби на странските работници во земјите од регионот неодамна предупреди и првиот човек на Здружението на странски работници во Словенија, Марко Танасиќ, кој во изјава за словенските медиуми рече дека словенечките работодавци на секој начин ги искористуваат вработените, бидејќи многу компании се регистрирани во Словенија, но таму не вршат никаква дејност.

– Станува збор за компании за регрутирање, кои во суштина ги позајмуваат илегално вработените лица во странство. Работниците немаат права и најчесто работат за минималец, односно за саатница од 8, 9 или 10 евра. Реално, не е мал бројот на компании за регрутирање во Словенија кои вработуваат работници за подоцна да ги изнајмат како модерни робови на земјите од Западна Европа, особено Германија, изјави Танасиќ.

На што да внимавате пред да аплицирате?

Кај нас постојат голем број диви агенции и поединци кои им наплаќаат на лицата коишто сакаат да работат во странство. Но, за да го привлечат вашето внимание, тие прикажуваат и работи кои воопшто не ги нудат работодавачите во земјата каде што треба да заминете. На пример, дивите агенции ви нудат работа во ресторан каде што би работеле 5 дена во неделата и по 6 часа во денот, а всушност, кога ќе пристигнете во ресторанот, сфаќате дека треба да работите 7 дена во неделата по 10 часа во денот.

Има и такви измамници кои на своите комбиња залепиле лист на кој пишува „работа во…“, па на граѓаните им нудат примамливи понуди за работа, ама откако ќе им ги земат парите за превозот, едноставно исчезнуваат. Вие останувате збунети во туѓа држава, ем без пари, ем без работа.

Пред секое аплицирање за работа во странство потребно е темелно да ја проверите фирмата во која се нуди вработувањето, проверете што точно се бара од вас како работник, какви документи ви се потребни, и секако, проверете кој е посредникот.

Б.М

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП