25 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАВнимавајте што пренесувате преку граница – казната е доволно висока за да...

Внимавајте што пренесувате преку граница – казната е доволно висока за да ви го расипе одморот

Како што се ближи времето за летните годишни одмори, кое многумина од нас ќе го поминат надвор од Македонија, така почнуваат да стануваат актуелни и прашањата што може, а што е забрането да се пренесе преку граница.

На социјалните мрежи веќе се појавија и активно се вртат неколку сведоштва на граѓани кои раскажуваат дека биле принудени да платат дебели казни на граница само затоа што претходно не биле добро информирани за количината на производите што ги пренесуваат од држава во држава.

– Колку пари е дозволено да се пренесат преку граница?

За време на преминувањето на граничниот премин, еден патник може да поседува најмногу до 10.000 евра во кеш. Ако тој ист патник поседува повеќе од 10.000 евра, тогаш потребно е тоа да го пријави кај цариникот. Доколку не ги пријави парите, а поседува поголема сума од дозволената, тогаш против него ќе биде поднесена прекршочна пријава и ќе му бидат одземени сите пари.

– Колку цигари е дозволено да пренесете преку граница?

Еден патник преку граница може да пренесе 40 кутии со цигари, 20 цигарилоси, 10 пури и 50 грама тутун, но само доколку преминува копнена граница. Доколку патникот преминува граница на аеродром, тогаш дозволено е да пренесе најмногу 200 цигари, 100 цигарилоси, 50 пури и 250 грама тутун. За прекршување на ова правило следува казна до 500 евра.

– Колку алкохол е дозволено да пренесете преку граница?

При преминување граничен премин, главно е дозволено да пренесете 0.5 литри жесток пијалак со 22% алкохол, 0,5 литро вино и 2 литри пиво. Акцизните производи (пијалаците, цигарите, горивото) можат да ги пренесуваат преку граница само лица постари од 17 години.

– Што е забрането да носите во рачниот багаж во авион?

Секоја авиокомпанија има своја одредена политика по која ги класификува и ги санкционира содржините на патничкиот рачен багаж. Освен тоа што во рачниот куфер за авион не можете да ставите течност поголема од 100 милилитри, така не смеете да ставите и оружје кое би можело да предизвика било какви повреди: огнено оружје, жилет, ножеви и сечила подолги од 6 сантиметри, ножици со сечила подолги од 6 сантиметри, скалпели, опрема за боречки вештини со остар врв, палки за безбол…

Лаптоп компјутер се смета за личен багаж и можете да го носите со себе во авионот. Преку граница може да пренесете и еден парфем и една тоалетна вода. 

Лекови можете да пренесувате, но само во количина која е предвидена за лична употреба. Цариникот може да ви побара лекарска потврда за тоа дека лековите се за вас, па во тој случај е потребно да приложите фотокопија од лекарска рецепта или некој друг доказ.

Освен горивото коешто се наоѓа во резервоарот, дозволено е да пренесете и канта со најмногу 10 литри гориво.

– Кои правила важат за Црна Гора?

Еден патник може без пријавување на територијата на Црна Гора да внесе најмногу 10.000 евра.

Патникот може со себе да носи разумна количина лекови кои му се потребни за лична употреба, најмноги за шест месеци од денот на преминувањето на границата, наведува Царинската управа на Црна Гора.

Лековите коишто содржат дрога, патниците можат да ги носат со себе во количина која е потребна за лична терапија за период од најмногу 30 дена, но само со потврда од доктор-специјалист од областа на менталното здравје.

Во Црна Гора е дозволено да се пренесе храна за лична употреба, а која не надминува 2 килограми свежо овошје и зеленчук, 1 килограм сушено овошје или зеленчлук, сирово кафе, какао во зрно, зачини или чаеви, 1 литар алкохол во оригинална амбалажа, 2 литри други пијалаци во оригинална амбалажа, 5 литри флаширана вода…

– Каква храна можете да внесете во Грција?

Месо, млеко, јогурт и павлака се единствените производи кои македонските туристи и оваа летна сезона нема да смеат легално да ги пренесат преку македонско-грчката граница. Ова правило не е никаква новост, бидејќи по законите на Европската Унија, млекото, месото и производите направени од нив не смеат да се внесуваат во ЕУ од земјите коишто не се членки на европското семејство.

Според податоците на грчката Царинска управа, туристите во Грција со себе ќе можат да понесат до 5 килограми свежо овошје и зеленчук, а никој нема да им замери и доколку пренесуваат леб, колачи, грицки, чоколада, мајонез, кечап, макарони и други основни производи до вкупна вредност од 300 евра по патник.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП