19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе добиеме евтина дневна тарифа, ама не и пониски сметки за струја?!

Ќе добиеме евтина дневна тарифа, ама не и пониски сметки за струја?!

Граѓаните не ја примија со големо воодушевување информацијата што вчера ја соопшти првиот човек на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, дека наскоро ќе бидат назначени 2 часа во периодот од 11 до 16 часот во кои граѓаните ќе имаат евтина дневна тарифа на струјата.

Како што објаснуваат експертите коишто ја следат оваа проблематика, незадоволството кај граѓаните се јавува поради тоа што најавата за враќање на евтината дневна струја доаѓа истовремено со најавата дека треба да се врати и стапката на ДДВ за струјата од 10 на 18 отсто, а тоа во старт ќе значи повисоки сметки за електрична енергија.

Според познавачите, воведувањето евтина дневна тарифа во времетраење од 2 часа не претставува ништо друго освен класична популистичка мерка од која граѓаните нема да имаат никакво фајде.
Колку и да биде намалена цената на струјата во тој период, додаваат познавачите, ефектот ќе биде ист, бидејќи, како што објаснуваат, сметките ќе бидат повисоки за 8 проценти, односно за толку колку што ќе се зголеми и стапката на ДДВ без притоа да се утврди нова цена на струјата од 1 јули.

Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, на вчерашната прес-конференција истакна дека сѐ уште траат анализите за воведување евтина дневна тарифа, и, како што рече, Регулаторната комисија во наредните 10 до 15 дена ќе ја информира јавноста кога точно и за кој период ќе започне примената на евтината тарифа.

На прашањето како ќе влијае евентуалното зголемување на ДДВ-то за струјата од 10 на 18 проценти од 1 јули годинава врз цената на електричната енергија, тој посочи дека РКЕ ги носи своите цени без ДДВ, така што таквата промена нема да има влијание врз одлуката.

Граѓаните во моментов користат само ноќна евтина тарифа на струјата од 22 до 6 часот наутро, како и во недела во текот на целиот ден.

Дневната евтина тарифа пред да биде укината се реализираше во периодот од 14 до 16 часот, но таа беше укината во декември 2021 година кога струјата поскапе за 9,48 проценти. Тогаш од РКЕ соопштија дека ако не се донесе одлука за укинување на дневната евтина тарифа, тогаш поскапувањето на струјата ќе изнесува 14,23 проценти.

И на почетокот на годината кога се носеше одлуката за цената на струјата за периодот јануари-јули беше поставено прашањето за евтината дневна тарифа, но не беше донесена таква одлука од РКЕ, бидејќи земјава се соочуваше со енергетска криза.

Поволности тогаш добија само дел од компаниите, здравствените и образовни установи, како и јавните претпријатија за снабдување со вода.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП