25 април, 2024
ПочетнаСВЕТТри важни причини зошто Ердоган победи

Три важни причини зошто Ердоган победи

Сите во Турција и остатокот од светот, кои се надеваа дека оваа земја може да добие нов претседател по повеќе од 20 години, беа горко разочарани по вториот круг од претседателските избори.

Затоа што Реџеп Таип Ердоган е стар, а во исто време и нов претседател. Оваа победа не е случајна. Како претседател, Ердоган ја имаше секоја можност да ја спроведе својата предизборна кампања со голема медиумска кампања: предизборно рекламирање на државната телевизија и големи настапи низ целата земја, а сето тоа беше платено од државната каса.

А неговиот противник? Имаше на располагање ограничени партиски средства. Покрај тоа, на Кемал Киличдароглу воопшто не му беше дадено време и простор во медиумите програмирани да го следат курсот на Ердоган. Тоа е како Ердоган со Формула 1 и професионален тим да се трка со импровизираната кочија на Киличдароглу.

Можеме да констатираме дека има три важни причини кои масовно влијаеле на изборната кампања и на резултатот во Турција. Прво, во февруари Турција ја доживеа најголемата природна катастрофа во поновата историја. Повеќе од 51.000 луѓе загинаа во разорниот земјотрес. Второ, земјата е во тешка економска состојба, со најголема инфлација во последните децении, а невработеноста е особено присутна кај помладата популација.

Не треба да се игнорира ниту одливот на мозоци во изминатите неколку години. Трето, од 2015 година во земјава има голем број бегалци, главно од Сирија, Ирак, Иран и Авганистан, а според податоците на Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР), тој број надмина 4 милиони. И Ердоган и Киличдароглу во текот на предизборната кампања постојано повторуваа дека ќе го решат „проблемот со бегалците“. Како? Едноставно: „сите ќе бидат пратени дома“.

Со сите три проблеми: бегалците, земјотресите и економијата, повеќето гласачи веруваат дека Ердоган, кој е на власт повеќе од 20 години, веројатно полесно ќе најде решенија отколку опозициски лидер кој никогаш не бил на одговорни и важни функции во владата.

Во својот прв победнички говор во неделата вечерта во Истанбул, Ердоган остро ја нападна опозицијата и ЛГБТИ+ заедницата, како што тоа го правеше претходно за време на изборната кампања. Ова е сигнал дека состојбата и понатаму ќе биде тешка, како за опозицијата, така и за малцинствата во земјава.

И уште нешто Ердоган им порача на своите гласачи: „Денешната победа е само почеток. Следната година повторно ќе ги освоиме Истанбул и Анкара на локалните избори!“ За Ердоган, периодот на една изборна кампања беше проследен со периодот пред друга изборна кампања. Тоа е собирен крик особено за градоначалниците на ЦХП, Екрем Имамоглу од Истанбул и Мансур Јавас од Анкара.

Исто така, јасно е дека Ердоган по неговата изборна победа итно треба да направи нешто за да ја стимулира економијата. Затоа, не изненадува неговата изјава од покривот на автобусот што се користеше за време на изборната кампања во Истанбул, во која ги истакна честитките што ги доби од земјите во Персискиот Залив. „Ќе одам на патување за благодарност во регионот“, рече Ердоган. Според експертите, тоа е знак дека тој оди и на финансиска поддршка.

Во многу земји во светот, поразените кандидати би се повлекле по поразот на изборите и би отстапиле место на некој друг, за да може да следи нов почеток. Кога во таа изборна ноќ се дозна дека лидерот на опозицијата Киличдароглу ќе одржи прес-конференција, во Анкара се проширија гласини дека тој ќе објави оставка како шеф на партијата. Но, тоа не се случи. Во Турција не даваш така лесно оставка. Не е така во случајот со Кемал Киличдароглу. И затоа не беше чудно што тој најави дека сака да остане на чело на својата партија. Тој порача и дека нема да ги разочара оние кои го поддржале.

Прашање е дали ова е вистинскиот сигнал за нестабилната опозиција. Факт е: Ердоган во иднина ретко ќе има врска со претседателот на ЦХП, Киличдароглу. Затоа што неуспешниот претседателски кандидат нема да биде ниту во парламентот ниту во центарот на политичкиот живот, бидејќи не доби мандат.

Ердоган, од друга страна, веќе е овековечен во историските книги како претседател кој ја воведе републиката во вториот век, како и претседател кој во голема мера ќе ја обликува Турција со својата политика четврт век.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП