17 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАПендаровски ќе ги потпише законите за „Бехтел и Енка“, 60-часовна работна недела...

Пендаровски ќе ги потпише законите за „Бехтел и Енка“, 60-часовна работна недела нема во указите што ги добил

Претседателот Стево Пендаровски ќе ги потпише предложените измени на законите за олеснување на проектот за „Бехтел и Енка“, кои Собранието ги изгласа во петокот. Тој образложи дека по неговите јавни изјави оти нема да потпише 60-часовна работна недела затоа што е неуставна, во указот што стигнал кај него таков предлог немало.

Претседателот извести дека ќе ги потпише сите пет измени на законите, односно измени на Законот за работните односи, на Законот за експропријацијата, на Законот за урбанистичкото планирање, на Законот за градењето и на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите.

„Во однос на Законот за именувањето и дополнувањето на Законот за работните односи, сакам да ја информирам јавноста дека текстот на усвоениот закон не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд, која предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. Изминативе месеци дадов изјави дека нема да потпишам указ за прогласување закон што содржи одредба која претходно е оспорена од Уставниот суд и во таа насока новиот закон не ја содржи формулацијата 60-часовна работна недела. Изминативе денови направив низа консултации со експерти од областа на трудовото право, со поранешни судии од Уставниот суд и со советниците во мојот кабинет. Донесов одлука да го потпишам указот за донесување на овој закон и на другите 4 закони“, рече претседателот Пендаровски.

Собранието ги изгласа петте закони за „Бехтел и Енка“ откога тие вторпат беа предложени. При првиот обид, кога измените на законите беа предложени од пратеници, заглавија во собраниска процедура, а опозицијата недвосмислено рече дека ќе ги блокира.

За да ја заобиколи блокадата, Владата ги предложи измените на петте закони со европско знаменце и покрај забелешките од амбасадорот на ЕУ во земјата, Дејвид Гир, дека знаменцето е злоупотребено оти не се работи за усогласување со европското законодавство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП