Еден човек е уапсен бидејќи ја отворил вратата за итни случаи на летот на Азијана ерлајнс при слетувањето на авионот во Јужна Кореја. Сепак, авионот безбедно слета на меѓународниот аеродром Даегу и никој од 194-те патници не е повреден. Локалните медиуми јавија дека голем број патници имале проблеми со дишењето, пренесува Index.hr.
Новинската агенција Јонхап објави дека маж на околу 30 години бил уапсен по слетувањето. Авионот на летот OZ8124 полета од островот Џеџу во петокот наутро по локално време. Времето на случувањата е нејасно, но вратите на авионот биле отворени при крајот на летот, околу 12:45 часот по локално време, објавија јужнокорејските медиуми.

