20 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈААнкета на „Програмата за парламентарна поддршка“: Граѓаните со ниска доверба во државните...

Анкета на „Програмата за парламентарна поддршка“: Граѓаните со ниска доверба во државните институции и во политичките партии

Највисока доверба меѓу граѓаните имаат верските заедници (5.1), војската (5.1) и полицијата (4.3) покажува последното истражување подготвено во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка.“ Краткиот извештај од годишното истражување за јавната перцепција за работата на Собранието, квалитетот на живот, политичките прашања и довербата во институциите во Северна Македонија содржи информации што се основаат на ставови од граѓаните во кои тие дадоа оцена на низа прашања на скала од еден до 10.

Теренската анкета беше спроведена во периодот 22 февруари – 9 март 2023 година со примерок од 1.002 испитаници над 18-годишна возраст на целата територија на државата, преку методот лице в лице.

Во однос на најважните институции во политичкиот систем, Претседателот на државата има највисока доверба – 3.6, додека најниска оценка доби судството со 2.7. Собранието (3.4) и Владата (3.3) беа оценети речиси исто. Граѓаните имаат ниска доверба и во јавното обвинителство (2.7) и во политичките партии (3.0). Генерално, може да се забележи ниска доверба во сите општествени чинители и државни институции.

Истражувањето покажува дека повеќе од две третини сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока (69%), додека најпесимистички настроени се жителите од Вардарскиот регион (80%). За време на фокус-групите, Албанка од Тетово рече „Масовно иселување на младите, укажува на тоа дека работите не се како што треба“, додека Македонец од Кавадарци вели „Со платата не можеш да ги покриеш основните потреби“.

Перцепцијата на доминантен дел од анкетираните граѓани (79%) е дека пратениците се целосно или делумно зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат. Според учесниците на фокус-групите постои „строга партиска хиерархија каде што повисоките елити се договараат, а другите спроведуваат“ (етничка Албанка, Гостивар, 30-51).

Малку повеќе од половина од испитаниците (52%) се согласуваат дека промената на изборниот модел може да придонесе кон намалување на зависноста на пратениците од партиските лидери. Според зборовите на еден од учесниците во фокус-групите„Изборниот модел е грешен – се гласа возот, а промашена е локомотива и чекаме таа да нѐ води. Крајно време е за пратеници да избираме луѓе, а не партии. Моментално имаме само партиски војници кој не смее да се спротивстави на партискиот шеф“ (етнички Албанец, Гостивар, 51-65).

На прашањето „Доколку изборите се одржат следната недела за која партија би гласате?“ повеќе од половина од испитаниците одговорија дека не би гласале или дека не знаат за кого би гласале. За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 17% од испитаниците, за СДСМ 12%, ДУИ доби поддршка од 8% од анектираните граѓани, 4% изјавија дека би гласале за Левица, 3% за Алијанса за Албанците, додека 1% поддршка доби Движењето Беса. Голем дел од испитаниците одговорија со „не знам“ или „нема да гласам“, со образложение дека „Пред гласање ти доаѓаат пред врата – сега [по избори] за било што нѐ избегнуваат. Нивните интереси си ги извршуваат“ (етничка Македонка, Штип, 51-65).

За подобро да се разберат ставовите на граѓаните за политичарите и политичките партии, во текот на истражувањето беше употребена вежба со персонификација, при што побаравме од учесниците да поистоветат политичка партија со бренд на автомобил. Учесниците главно ги поистоветуваат сите политички партии со скапи и брзи коли, но истовремено и со автомобили кои често се расипуваат и за кои е потребен скап сервис.

Оваа публикација е подготвена од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во рамките на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) која е финансирана од Владата на Швајцарија, а ја спроведува Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Центар за управување со промени (ЦУП). Содржината на публикацијата во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Владата на Швајцарија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП