Сите издадени упати, рецепти, прегледи, дијагнози, лаборатории и податоци за примени вакцини отсега им се достапни не само на лекарите туку и на пациентите. Во функција е апликацијата „Мое здравје“ која ги обединува податоците од системот „Мој термин“ со податоците од Фондот за здравствено осигурување па пациентите електронски, во секое време и од секое место ќе имаат увид во сопствените здравствени податоци и прегледни како од матичните лекари така и од специјалистите.
„Оваа апликација ќе го смени начинот на управување со нашето здравје. Апликацијата за електронско-здравствена евиденција ‘Мое здравје’ на секој граѓанин му овозможува увид во сопствените здравствени податоци. Преку ‘Мое здравје’ можете лесно да пристапите и да ја истражувате вашата медицинска историја, детали за рецепти, специјалистички и дијагностички лабораториски и болнички упати, досиеја за имунизација. Се што треба да знаете за вашите здравствени услуги е добро организирано и лесно достапно. Оваа апликација ја става моќта на информацијата директно во вашите раце. Беспрекорна интеграција со системот Мој термин. Сите ваши здравствени податоци автоматски ќе се преземат и синхронизираат. Апликацијата ќе ве поттикне да станете активен учесник во грижата за сопственото здравје. ‘Мое здравје’ претставува значителен скок напред во нашиот здравствен систем. Го поканувам секој од вас да ја прифати моќта на Мое здравје. Преземете ја контролата врз вашето здравје и добијте вредни сознанија“, рече министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната презентација на апликацијата.

